Македонија

Кои се ритуалите на македонските политичари?

Кои се ритуалите на македонските политичари?

Иако се чини дека се полни со самодоверба поради функциите што ги имаат, па јавните настапи им се песна или дека можат да си дозволат комотен живот во кој тие не прават ништо што обичните луѓе го прават секојдневно, политичарите сепак се обични луѓе, пишува весникот „Дневник“.

Тие за весникот откриваат кои ритуали ги прават за да се охрабрат или за да им тргне работата на поарно, кои им се секојдневните навики, што им носи среќа во приватниот или во професионалниот живот.

Така, на некои политичари, за да им тргне денот, при излегување од дома им потураат вода под нозете, други имаат специфичен начин на кој ги подготвуваат своите говори за јавен настап пишувајќи со посебно налевно перо или, пак, додавајќи забелешки во кого да погледнат во одреден момент од говорот. Има и такви што ги потстрижува секогаш истиот бербер или, пак, секој поголем настап го врзуваат со одредена бројка за која сметаат дека има поголемо значење.

„Некои посебни секојдневни ритуали што ги применувам, освен еден, а тоа е дека секоја голема работа што ја правам гледам да е поврзана со бројот четири, а тоа, всушност, се четирите страни на светот. Бројот има универзално значење. Инаку, не сум суеверен, верник сум и верата ми ја дава најголемата духовна сила и ми ја дава смислата на животот“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, за „Дневник“.

Неговиот колега Антонио Милошоски има свој секојдневен ритуал што го применува од ноември до март, а е поврзан со топлината на домот.

„Се грееме на дрва, па од ноември до март станувам прв, околу 6,30 часот и потпалувам оган“, вели Милошоски.

Сепак, неговиот посериозен ритуал е поврзан со јавните настапи и говори. Kако што објаснува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, кога подготвува пишани говори, секогаш става забелешки во заграда за тоа што треба да направи додека ги кажува конкретните зборови.

„На пример, си пишувам – сега погледни во новинарите, направи пауза, потсети на ова и ова и слично. Особено ваква подготовка применував при говорот на судењето во Хаг по повод тужбата на Македонија против Грција. Требаше да одржам говор од 20 минути. Откако го подготвив говорот, на секои четири минути практично имав по една забелешка за настапот. Така, една од забелешките велеше: ‘Сега погледни во претседателот на судот’, потоа сега во адвокатите на Грција, сега напиј се вода и направи драмска пауза“, објаснува Милошоски за „Дневник“.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, открива дека пред секој јавен настап без разлика дали е интервју, прес-конференција или обраќање пред сопартијците, важна средба, задолжително посветува внимание на својот физички изглед каде што доминира неговата фризура. Блиските соработници на Ахмети откриваат дека пред секој ваков настап задолжително во седиштето на ДУИ во Мала Речица доаѓа Неџо – долгогодишниот бербер (стилист) на Ахмети. Неџо е задолжен да го потстриже Ахмети и да му ја среди фризурата.

Министерот за економија Ваљон Сараќини вели дека нема некој посебен ритуал пред јавен настап, но дека по раѓањето на ќерката Лиза, воспоставил ритуал во својот приватен живот.

„По раѓањето на Лиза, секое утро пред поаѓање на работа ја гушкам или ја бакнувам во чело за да ми тргне денот со аирлија или поинаку кажано, ќерка ми е мојот ритуал или мојата среќа“, вели тој за весникот.

Свои ритуали и во приватниот и во професионалниот живот практикува и пратеничката Ермира Мехмети-Деваја.

„Ритуалите како утринско пиење кафе и цеден сок ги подзаборавив откако го родив синот Албес. Сега утрата ги посветувам нему. Пред јавните настапи, пак, без оглед дали е говор во парламентот или прес-конференција, ритуал што ми е останат уште од средношколските и од студентските денови е говорот секогаш да го пишувам на рака и тоа со налевно перо. Ретки се ситуациите кога јавно настапувам без претходно напишан говор, кој задолжително содржи тези за кои ќе говорам, воведен и завршен дел. Се обидував да пишувам и со обично пенкало, но никако не ми тргнува“, вели Мехмети-Деваја.

Таа додава дека секогаш кога планира јавен настап, посетува фризер.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вели дека нема некој посебен ритуал што го практикува во својот приватен или политички живот, но има еден настан што го прави секоја година на 31 декември, а за кој е убеден дека му носи среќа.

„Некој посебен ритуал немам, но имам една традиција. Веќе девет години по ред Новата година ја пречекувам заедно со штитениците од бањата Банско и тој чин, освен што си поминуваме секогаш весело, го сметам како настан кој цела година ми носи среќичка и затоа и го повторувам“, вели Заев за весникот.

Пратеникот од СДСМ Андреј Петров вели дека во суштина не е посебно суеверен за да се придружува кон некои ритуали. Се потсетува дека уште како дете мајка му му истурала вода при секое негово излегување од дома кога има нешто битно.

„Сега, наместо мајка ми, тоа го прави сопругата. Моја карактеристична пракса, ако може да се нарече ритуал, е саботните претпладниња да ги посветувам на работата, но и на средување на сопствените мисли. Тоа го правев и кога бев градоначалник и кога бев генерален секретар на партијата, но ова го практикувам и како лекар. Затоа, вообичаено е обврските со пациентите да ги вршам в сабота претпладне“, вели Петров за весникот.

Потурањето вода било дел од секојдневјето и на струшкиот градоначалник Зијадин Села додека била жива мајка му.

„Kога излегував од дома на училиште, мајка ми секогаш ми потураше вода за, како што велеше, патот да врви лесно како што тече водата и да ми биде чист. Мајка ми правеше многу адети и ритуали, на пример, ноктите да не се сечат навечер, но секогаш кога ќе ја прашав: ‘Зошто и што значи ова?’, ми велеше: ‘Оти така треба’“, вели градоначалникот.

Сега Села вели дека, ако тоа може да се нарече ритуал, настојува да руча и да вечера со семејството. Тој открива дека на почетокот од својата политичка кариера за му донесе среќа пред јавен настап практикувал 21 пат да повтори една иста реченица – цитат од Kуранот: „Бисмилахи ррахман е ррахим“ и три пати да повтори „Селамин кувлин бир ррахмон рахим“.

Има и такви политичари кои немаат некоја редовна рутина што ја повторуваат со цел полесно да им поминат денот, настапот, годината. Дека немаат ритуали, за „Дневник“ потврдија вицепремиерот Владимир Пешевски и пратеникот на СДСМ Јани Макрадули.

Познато е дека рускиот претседател Владимир Путин го сака спортот и дека активно се занимава со неколку спортови. Токму вежбите и спортувањето се неговиот секојдневен ритуал. Путин станува во 8.30 секој ден и веднаш оди на вежбање. Тој тренира на справи повеќе од еден час, а потоа препливува околу 1.000 метри во базен. По вежбањето, пред да тргне на работа, појадува и тоа најчесто каша или урда. Оброците најчесто му се испратени од патријархот Kирил. На крајот пие витаминска напивка што самиот си ја подготвува.

Германската канцеларка Ангела Меркел пред да стапи на државничката функција не важела за жена што применува некоја секојдневна рутина и дека им робува на навиките. Сепак, веќе долгата кариера како прв човек на германската влада ја изменила. Германските медиуми јавуваат дека од кога е канцеларка, Меркел за да заштеди време, повеќе не телефонира, таа само испраќа СМС. Доколку е можно, избегнува да оди на ручек, јаде на биро и притоа секогаш нарачува чинија супа од леќа. Тамошните медиуми пишуваат дека се опушта слушајќи класична музика и дека не се оптоварува со избор на гардероба наутро.