Кои се симптомите на малите сипаници?

На подрачјето на град Скопје е прогласена епидемија на морбили или меѓу луѓето позната како мали сипаници.

Станува збор за инфективна болест на респираторниот систем предизвикана од вирус. Болеста најчесто се јавува кај малите деца, но не се исклучува и кај повозрасните лица.

Малите сипаници се пренесуваат преку дишење, во контакт со течностите од носот и устата на заразеното лица. Инфекцијата има просечен период на инкубација и од дена, а инфективноста трае од два до четири дена пред и од два до пет дена по почетокот на осипувањето.

Основни симптоми со кои се манифестира болеста се кашлица, треска проследена со висока температура, осип на кожата, но и дијареа и повраќање.

Во нашата земја малите сипаници се превенираат со помош на вакцина. Таа се дава на 13-месечна возраст во комбинација со вакцините против рубеола и заушки. На седумгодишна возраст децата се ревакцинираат со втора доза од вакцината.

Од досега регистрираните 25 случаи во земјава, само едно лице примило две дози од вакцината, две со само една доза, а другите лица се невакцинирани.

Потешка клиничка слика се јавува главно кај возрасните, а најчеста компликација досега била бронхопневмонијата.

Надлежните апелираат до родителите да ги вакцинираат децата бидејќи опфатот од 80 отсто придонесува и создава услови за одржување на вирусот во средината.

Можно е вирусот во Македонија да е донесен од надвор,а според досега заболените станува збор за четири до пет семејство во кои има по неколку заболени.  Во училиштата и во градинките засега нема случај на морбили.

Со години наназад на територија на Скопје имало еден, два или ниту еден случај, а во државата од три до пет случаи годишно на морбили, освен епидемијата 2010/2011 година кога имало 980 случаи на морбили и оти затоа одлучиле да прогласат епидемија на морбили.

Иако вакцинацијата е до 14 години, сега веќе се дозволува и на постари лица доколку биле во близок контакт со заболениот. Во рамки на преземените мерки се овозможува доколку  се јави заболен од морбили во колектив, градинка, училиште, здравствена установа, веднаш да се вакцинираат сите кои биле во близок контакт со него без оглед на возраста до 50 години доколку не се комплетно вакцинирани.

Надлежните уверуваат дека доколку епидемијата земе поголем замав ќе бидат донесени нови мерки, како пред две години, а тоа е вакцинација на повозрасните лица доколку не се комплетно вакцинирани и вакцинација на малите деца под 13 месечна возраст.