Кои се странските компании кои наскоро ќе започнат со работа во Македонија?

Паралелно со инвестирањето на компанијата „Техникал текстајлс“ во моментов во посета на Македонија е и сопственикот на италијанската компанија „Дијатек“ кој исто така ќе одлучи која ќе биде градежната компанија која ќе гради во втората половина на септември и почетокот на октомври, информираше директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо. Оваа компанијата ќе инвестира во специјална технологија за дигитално печатење и ќе биде лоцирана во Скопје.

Компанијата „Ки сефјти системс“ во Кичево активно работи на адаптирање на постоечки објект кој треба да биде функционален во септември. Ќе изберат и компанија која ќе гради нивен објект во слободната економска зона во Кичево.

Слично е и со компанијата ОДВ електрик во Охрид која до крајот на месецот ќе ја заврши адаптацијата на просторот. Викендов треба да се вратат луѓето кои беа на обука во Украина и во септември да започнат со работа.

„Бидејќи ќе се започне со градба на Охридско-струшката зона во следните три недели, паралелно ќе се започнат активностите за проектирање на нивниот објект кој ќе започне со градба идната пролет.Следната недела се очекува уште една посета од компанијата „Веибо“ за да се договорат деталите во зоната во Ранковце каде се планирани вработување на 5000 луѓе,“ изјави Мизо.

Според него добро е што овие компании се дисперзирани на територијата на целата држава и ќе придонесат за развој на регионите.

На забелешката дека на странските компании им се промовира евтина работна сила, Мизо одговиори дека „не промовираме евтина, туку конкурентна работна сила, а цената ја одредува пазарот.“

Тој истакна дека мора да бидеме конкуретни на пазарите Србија, Бугарија, Украина, Молдавија некои земји од Северна Африка кои жестоко се борат за инвеститори.

„Има многу фактори кои одлучуваат и не секогаш цената на работната сила е пресудна,“ објасни Мизо.

Извозот во првите шест месеци е над 550 милиони евра, а во јули тој изнесува меѓу 90 и 100 милиони. Трендот за зголемување од месец за месец продолжува, а за оваа година се очекува да биде над една милијарда евра односно значително поголем од минатата година.