Кои се терористите кои го зацрнеа Париз?

Кои се терористите кои го зацрнеа Париз?
Кои се терористите кои го зацрнеа Париз?

Седум од париските напаѓачи загинаа во терористичките напади во петокот вечерта. Досега француската полиција идентификувала петмина од нив преку отпечатоци од прсти.

Омар Исмаил Мостефаи, 29-годишен Французин, роден во париското предградие Куркурон, беше меѓу напаѓачите во концертната сала „Батаклан“. Тој бил познат на полицијата како „ситен“ криминалец со осум пресуди меѓу 2004 и 2010, но никогаш не бил во затвор. Тој бил во Сирија на крајот на 2013 година. Турција давала сигнал на два пати до Франција во последната година за Мостефаи, но не добила одговор, изјави турски владин извор.

Ибрахим Абдесалам, 31-годишен Французин, кој живеел во бриселското предградие Моленбек, се разнесе пред бар на булевар „Волтер“ и сериозно повреди човек. За него се тврди дека е пријател на Абделхамид Абауд, осомничен како организатор на неуспешен заговор за убиство на полициски офицери во Белгија во јануари. Се смета дека Брахим бил дел од екипа убијци, кои пукале по луѓето, во нападнатите ресторани во француската престолнина.

Ибрахим најмил црн автомобил сеат со белгиски регистарски ознаки, што беше пронајден во Монтереи, во близина до Париз на денот по нападите. Во возилото имало три автомати калашњиков, 11 празни полначи и пет полни полначи.

Ибрахим и неговите двајца браќа се во фокусот на истрагата на нападите од 13 ноември. Еден од тие тројца браќа Мохамед Абдесалам беше задржан извесно време од белгиската полиција поради нападите, но денеска беше ослободен, без да му биде покренато обвинение.

Вчера Брисел издаде меѓународна наредба за апсење на третиот брат Абдесалам, 26-годишниот Салех Абдесалам. Париз, пак издаде предупредување дека тој е опасен и ги повика сите кои имаат информација за него, да се поврзе со властите.

Салех и Мохамед работеле како општински службеници во Брисел. Тие живеели точно спроти зградата на општината во квартот Моленбек. Тројцата браќа, родени и израснати во Моленбек, имале пресуди за трговија со наркотици и друг ситен криминал.

Билал Хадфи, 20-годишен Французин, живеел во Белгија, се разнесе крај стадионот „Стад де Франс“. Според некои медиумски соопштенија, тој поминал извесно време во Сирија, каде се присоединил кон ИД.

Сами Амимур, 28-годишен Французин, роден во Париз, беше меѓу напаѓачите во концертната сала „Батаклан“. Тој е познат на властите поради врските со терористи и правел обиди да замине за Јемен.

Ахмад ал Мохамад, 25-годишен сириски државјанин, чиј пасош беше откриен крај телото на еден од напаѓачите врз концертната сала „Батаклан“. Отпечатокот од прстот му соодвевствува со оној, земен во Грција во октомври годинава на маж, кој користел пасош на истото име и влегол во земјата како бегалец. Автентичноста на пасошот се уште подлежи на проверка.

Абделхамид Абауд, кој бил студент во еден од најпрестижните бриселски колеџи „Сен Пјер од Јукел“, пред да се претвори во најпознатиот белгиски џихадист, толку предан на каузата на „светата војна“, што го убедил и 13-годишниот брат да го следи во Сирија.

Француските власти соопштија денеска дека тој е „мозокот“ зад петочните напади во Париз, во кои загинаа над 130 лица, а стотици други се ранети.