Кои студенти имаат право на ваучер за таблет-компјутер?

Собранието на Република Македонија го изгласа  Законот за издавање вредносни бонови-ваучери со кој се уредува постапката за издавање и искористувањето на вредносните бонови-ваучери кои се користат за набавка на таблет компјутер со надворешна тастатура.

Право на вредносен бон – ваучер ќе имаат редовните студенти државјани на Република Македонија запишани за прв пат во трета и четврта година на прв циклус на студии во учебната 2014/2015 година на високо образовните установи во Република Македонија и студентите кои се евидентирани како лица со посебни потреби запишани во било која година на студии во учебната 2014/2015 година на високо образовни установи во Република Македонија.

Со вредносен бон-ваучер, се стекнуваат студентите од семејства во кои вкупните месечни приходи не го надминуваат износот од 32.741 денари бруто приход.

Редовниот студент својот статус дека е од семејство во кое вкупните месечни приходи не го надминуваат износот од 32.741 денари бруто приход го докажува со уверение издадено од Управата за јавни приходи за остварени приходи по разни основи за 2014 година (приходи од вршење земјоделска дејност, приходи од имот и имотни права, приходи од капитал, капитални добивки, добивки од игри на среќа и други наградни игри, приходи од самостојна дејност, остварена плата на вработени членови на семејството или редовниот студент), за двајцата родители или старатели на студентот поединечно и за самиот студент.

Уверението се доставува до студентската служба на матичниот факултет. Студентот кој живее со еден родител или без родители истото го докажува со фотокопија од акт за престанок на бракот или извод од матична книга на умрените, а студентите кои засновале брак и оформиле семејство истото го докажуваат со фотокопија од извод од матичната книга на венчани.

Вредносните бонови-ваучери се издаваат во номинална вредност од 8.000 денари. Вредносните бонови-ваучери се со еднократна употреба и се употребуваат како учество за купување на таблет компјутер со надворешна тастатура.

Вредносните бонови-ваучери можат да се искористат за купување на таблет компјутер со надворешна тастатура најдоцна до 25 јуни 2015 година.

Студентот при подигање на вредносниот бон-ваучерот во високо образовната установа, должен е да пополни формулар со изјава за прием на вредносниот бон-ваучер за купување на таблет компјутер со надворешна тастатура во кој го наведува своето име и презиме, бројот на личната карта или патната исправа, бројот на индексот и серискиот број на вредносниот бон-ваучерот кој го добил. Одговорното лице за дистрибуција на вредносните бонови-ваучери во високо образовната установа, е должно бројот на личната карта односно патната исправа на студентот да го впише на вредносниот бон-ваучерот на место определено за тоа, пред да го предаде истиот на студентот.