Кои земји се најголеми извозници на оружје во светот?

На земјите од Блискиот исток се продаваат големи количества оружје, од што најдобро се гледа кој со кого е сојузник.

Во периодот од 2011-тата до 2015-тата година во светот е продадено за 14 отсто повеќе оружје отколку во претходните пет години, објави Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (SIPRI).

Како пет најголеми извозници на оружје се дури четири постојани земји членки на Советот за безбедност на Обединетите Нации.

На врвот на листата се САД, кои извезуваат 33 отсто од светскиот извоз на оружје, или една третина. По неа следи Русија со 25 отсто, Кина (5, 9 отсто), Франција (5, 6 отсто) и  конечно една држава која не е постојана членка на Советот за безбедност – Германија чиј што удел во светската продажба на оружје е 4, 7 отсто.

Дури 96 држави купуваат американско оружје, а 50 руско. Додека Русија најмногу оружје (39 отсто) извезува во Индија, САД дури 41 отсто од своето оружје го продаваат на Блискиот исток што е зафатен со војни. Најмногу американско оружје купуваат Саудиска Арабија (9,7 отсто), Обединетите Арапски Емирати (9, 1 отсто) и Турција (6, 6 отсто). Кина најмногу оружје му продала на Пакистан (35 отсто), Бангладеш (20 отсто) и  Мјанмар (16 отсто).

Од овие податоци може да се види кого големите сили го сметаат за свој сојузник, а очигледно е и тоа дека САД најмногу оружје извезуваат во земјите каде е лансиран радикалниот ислам. Иронично но токму овие земји за САД претставуваат најголеми противници.

Рускиот пазар е ориентиран на земјите што биле блиски на СССР или биле членки на Движењето на неврзаните. Русите истовремено се и најприлагодливи: нудат практично секаков вид оружје, од подморници до ловци од петтата генерација.