Кој е напаѓачот кој ја крена на нозе цела Австралија?

Напаѓачот кој ја крена на нозе цела Австралија со заложничката драма во кафуле во Сиднеј претходно бил во затвор, но иако против него биле поднесени сериозни обвинувања, бил пуштен на слобода.

Ман Харон Монис во понеделникот наутро заробил 17 лица во кафуле. Тој и двајца од заложниците загинале кога полицијата влегла во угостителскиот објект.

Самопрогласениот свештеник и исцелител, кој во 1996-тата година побарал азил во Австралија, бил познат по навредливите писма кои им ги праќал на семејствата на австралиските војници убиени во Авганистан.

Тој тврдел, како што е наведено, дека во затвор го мачеле поради политичките убедувања, а тој само “се борел за исламот и за мир”.

Во декември минатата година бил обвинет дека бил соучесник во убиството на неговата поранешна сопруга, но бил ослободен со кауција. Цело време тврдел дека е под константен напад на австралиската влада, односно дека обвиненијата против него, и оние за сексуално злоставување, биле покренати од политички причини.

Неговиот поранешен адвокат, Мани Кондитсис, рекол дека Монис одлучно ја негирал вмешаноста во убиството на својата поранешна сопруга. Верувал дека е жртва поради тоа што лобирал против владата.

Премиерот Тони Абот порачал дека станува збор за ментално болен човек. Австралиската власт е соочена со прашањето зошто лицето против кое биле поднесени сериозни обвиненија било пуштено на слобода со кауција.