Кој има најголем ќар од мигрантската криза?

Мигранти со гумени чамци пристигнуваат во Грција, ФОТО: Ројтерс
ФОТО: Ројтерс

Кој има најголем ќар од мигрантската криза? Според Европол и Интерпол тоа се криминалните мрежи што се занимаваат со шверц на мигранти, а кои што од оваа „дејност“ заработиле околу 6 милијарди долари само во текот на минатата година.

Од криумчарењето на азилобаратели и економски мигранти во Европската Унија криминалните мрежи во текот на изминатата година заработиле околу 5 до 6 милијарди долари, според извештаите на Европол и Интерпол, пренесува „Раша Тудеј“.

Според извештајот криумчарењето мигранти претставува мултинационален бизнис, а осомничените доаѓаат во повеќе од 100 земји. Тоа ја претставува главната активност на организиран криминал во Европа што обезбедува најголем профит.

Патувањето на околу 90 отсто од мигрантите низ ЕУ „воглавно е олеснето од членовите на криминалните мрежи.“ Криумчарите што се занимаваат со шверц на мигранти воглавно се поврзани во мрежи.

Извештајот покажува дека еден милион азилобаратели што влегле во ЕУ по илегален пат минатата година им платиле на криумчарите од 3.200 до 6.500 долари во просек. Така ова е јасна индикација дека криминалните мрежи профитираат од масовната миграција.

Оваа заработка ги зајакнува криминалните мрежи и има значајно негативно долгорочно влијание врз економијата на Европа, вели директорот на Европол, Роб Вејнрајт.

Осомничените за криумчарење мигранти најверојатно имаат очигледни врски со друг вид на криминал додека мигрантите што патуваат во ЕУ се мета на работна или сексуална експлоатација, затоа што треба да го отплатат нивниот долг кон криумчарите, според извештајот.

Европол и Интерпол велат дека се очекува зголемување на бројот на мигранти што се обидуваат да стасаат во ЕУ. Се смета дека само во Либија околу 800.000 мигранти чекаат за да отпатуваат во ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.