Кампањата за воздушни удари на Ирак и Сирија, која ја води коалицијата на чело со САД, претставува одлична работа американските произведувачи на оружје и воена опрема, чија вредност на берзата расте во последните неколку месеци.
“Тоа е совршена војна за компаниите кои се бават со оружје и оние кои сакаат зголемени средства одобрени за одбрана”, рекол Ричард Абоулфаиа, потпретседател на консултантската компанија “Teal Group”.
Кампањата за напад на Исламската држава претставува милиони долари трошок за купување на бомби, ракети, делови за авиони и повеќе аргументи во корист на финансирањето на напредни летала, односно борбени авиони, шпионски летала или летала за набљудување.
Вредноста на акциите на големите партнери на Пентагон почнала да расте откако Барак Обама ги пратил воените “консултанти” во Ирак во јуни, а растот продолжил со почетокот на воените удари во Ирак на почетокот на август.
Последните три месеци, на пример, вредноста на акциите на “Lockhead Martin” пораснала за 9,3 проценти, на “Raytheon” и “Northrup Grumman” за 3,8 проценти, додека на “General Dynamic” за 4,3 проценти. Во истиот период, индексот “S&P 500″ изгубил 2,2 проценти.
“Lockheed Martin” произведува ракети “Hellfire” кои се инсталираат на беспилотните борбени летала “Reaper” и на авионите на ирачката војска.
Неколку дена по ширењето на нападите во Сирија минатиот месец, “Raytheon” добил договор вреден 251 милион долари за испорака на крстаречки ракети “Tomahawk” на американската воена морнарица.
Американските бродови лансирале 47 “Tomahawk” ракети првата ноќ на нападот на Сирија на 23. септември, а секоја чини околу 1,4 милиони долари.
Фактот дека нападите засега имале само ограничено влијание, не го спречува апетитот на инвеститорите во секторот на одбрана, истакнуваат аналитичарите.
Големите компании “работат подобро од тоа што го очекувале експертите пред три години”, рекол Лорен Томпсон од “Lexington Institute” кој има бројни врски со индустријата за одбрана.
Преку војната овие компании прават договори не само со американската влада, туку и со други европски и арапски земји кои се дел од коалицијата против ИС.
Покрај пазарот за воени авиони, судирите би требало да овозможат и развој на пазарот на летала за набљудување или на беспилотни летала кои моментално изведуваат клучни мисии над Ирак и Сирија.
Приватните компании за безбедност, кои профитирале од американската војна во Ирак и Авганистан во последните години, исто така се оптимисти. Сегашните судири би требало да доведат до нови договори за поддршка на ирачките сили.
Доколку Пентагон пред една години се подготвувал за големи кратења на трошоците со оглед на крајот на судирите во Ирак и Авганистан, кампањата против Исламската држава како и тензиите во Украина брзо ја промениле таа перцепција во Вашингтон и Вол Стрит.