Кој се крие зад падот на цената на нафтата?

Вашингтон ја симнува цената на нафтата за да ја фрли Москва на колена, а Ријад за да го задржи големиот американски пазар и да го ослаби Техеран.

Експертите оценуваат дека сегашната војна со цените на нафтата и нивниот драстичен пад ја предизвикаа Саудиска Арабија и САД делумно од политички, а делумно од економски причини.

Саудиска Арабија сака со помалите цени да го забави растот на производството на нафта од нафтени шкрилци во САД. Американците се повеќе своите потреби ги задоволуваат со производството на наста од нафтени шкрилци и така ја загрозуваат позицијата на членките на ОПЕК: САД до крајот на годината ќе може да произведат 12 милиони барели нафта дневно, а Саудиска Арабија произведува 11, 5 милиони барели. Истовремено, Саудиска Арабија сака со пониските цени на нафтата што е можно повеќе да го ослаби конкурентот Иран.

САД од друга страна пак, сакаат да ја постигнат својата најважна политичка цел: да и зададат страшен удар на руската економија. Моменталната цена од 80 долари во текот на 2015 година ќе предизвика големи загуби за рускиот буџет. Приходите од нафтата учествуваат со 50 отсто од вкупниот буџет и за Русија секоја цена пониска од 100 долари за барел е неприфатлива, како и за Иран, Ирак и Венецуела. Русија со просечно дневно производство од 10 милиони и 730 илјади барели ќе биде најголем производител и извозник на нафта во светот.

Последиците уште сега се драматични: вредноста на рубљата од летото до сега падна за повеќе од 30 отсто. Американците се надеваат дека на тој начин ќе ги фрлат Русите на колена. Но, иако на Американиците им одговара ниската цена на нафтата затоа што ја потресоа руската економија, долготрочно тоа ниту ним не им оди во прилог.

Ако членките на ОПЕК не договорат заедничка акција, цената на нафтата би можела да падне и до 60 долари за барел.