Колариќ: СДС креира хаос и беззаконие во државата и во институциите

Социјалдемократскиот сојуз креира хаос и беззаконие во државата и во институциите. За Социјалдемократскиот сојуз не се важи ниту право, ниту закон, ниту пак ги интересираат граѓаните. Цената на целото политичко-правно цунами кое го прави Заев и Социјалдемократскиот сојуз ќе ја платат граѓаните кои ќе добијат нефункционални институции водени од некомпетентни кадри, истакна Светлана Колариќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.

Лица со средно градежно се поставуваат за директори на културни установи, а историчари се поставуваат за директори на Спортска Академија. Ова е класично понижување и девалвирање и на институциите и на законите. Социјалдемократскиот сојуз и Заев со сите незаконски разрешувања и именувања, прават кривични дела и ги кршат одредбите од Законот за избори и Законот за спречување на корупција со што ја злоупотребуваат службената положба и овластувањата. За оваа одговорност мора да има и ќе има, рече Колариќ и додаде:

„Еве уште неколку примери за кои што сакаме да го прашаме Заев:

За одговорен на безбедноста на нашите возови е поставен Абдулкадир Исаки. Дали согласно член 40 од Законот за сигурност во железничкиот сообраќај и систем, младиот и неискусен Исаки ги исполнува условите од најмалку 5 години работно искуство во областа? Да му помогнеме на Заев, никој во управата или областа не го познава младиот Исаки, а безбедноста на нашите возови ќе ни зависи токму од него.

Истото се случува и со именување на директори по казнено – поправните установи.

Дали Мики Тодоров кој е поставен за директор на затворот во Штип има 5 години работно искуство во областа?

Дали Марјан Спасовски кој е поставен за директор на затворот Куманово има искуство од 5 години во областа?

Вакви примери има илјадници. На сите нивоа и во сите институции“.

Социјалдемократскиот сојуз и Заев, додаде таа, наместо професионализација на институциите како што тоа ветуваа на граѓаните пред изборите го направија токму спротивното.

-Со незаконското на назначување на лица во Управните, во Надзорните одбори по институциите, со противправното назначување на директори, Социјалдемократскиот сојуз направи тотална партизација, внесе сомнеж кај граѓаните и правна несигурност кај вработените во администрацијата. Социјалдемократскиот сојуз со самото поставување на членови на Управни и Надзорни одбори, со поставување на Директори во агенции и други институции, надвор од законските норми, го доведе во прашање легитимитетот  во носењето одлуки на овие државни органи и тотално ги парализираше. Сите одлуки на незаконски поставени партиски кадри во иднина можат да бидат оспорени, а сметката за тоа за жал ќе ја платат граѓаните. Одговорност за ова ќе има. Кога ќе се врати правата држава, секој поединец индивидуално ќе одговара за прекршување на законите. ВМРО-ДПМНЕ смета дека е најдобро незаконски именуваните и поставени лица во најкраток можен рок треба да си поднесат оставка. Како што досега тоа го сторија двајца. Казната од граѓаните за беззаконието на Социјалдемократскиот сојуз ќе стигне на 15-ти октомври.