Коледари во домот на Иванови

Во пресрет на големиот христијански празник Божик, коледари ученици од второ одделение при Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“ денеска ја посетија резиденцијата на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Малите балерини ја испеаја коледарската песна, изведоа пригодна програма за претседателот Иванов, неговата сопруга Маја и синот Иван, а од нив беа почестени со новогодишни пакетчиња.

Маја Иванова нагласи дека ја продолжуваат традицијата нивниот дом како и секое православно семејство да биде отворен за коледарите – предвесници на Христовото раѓање.

– Денеска наши гости се учениците од нижото балетско одделение при Државното музичко-балетско училиште во Скопје. Со својата насмевка на лицата, со својата кореографија и костимографија внесоа радост среќа и убавини во нашиот дом во пресрет на големиот христијански празник Божик. На сите православни христијани им посакувам да имаат најубава Бадникова вечер. Нека Христовата светлина внесе радост, убавини и неизмерна среќа во нивните домови. Да бидат исполнети само со позитивни мисли и весели моменти, порача Иванова честитајќи го Божик на сите што го слават.

Согласно традицијата семејството Иванови на бадникова вечера ќе кршат лепче со паричка. Минатата година паричката се паднала во куќата и им донела среќа на сите, вели Маја Иванова. Таа сепак е најзадоволна со успесите на синот Иван, кој лани дипломирал и се запишал на постдипломски студии.

Традицијата коледари да ја посетуваат резиденцијата на Претседателот е востановена во 2011 година.