среда, 30 ноември 2016  |  Вести денес: 0

Колеџот на Европа ќе доделува стипендии на македонските студенти

Секретаријатот за европски прашања потпиша Меморандум за соработка со Колеџот на Европа од Наталин, Полска со кој ќе се овозможи пристап и стипендии за македонските студенти на оваа образовна институција, размена на знаења и искуства, заеднички настани за градење капацитети и соработка за публикации и истражувања.

Поврзани вести

Државниот секретар во Секретаријатот за европски прашања Ана Блажеска, на денешната јавна презентација, рече дека Колеџот во Европа е бренд број еден во однос на европски студии и затоа е многу важно што и нашите студенти и вработени во јавната администрација ќе имаат можност на некаков начин да се вклучат во едукативните процеси на Колеџот.

– Секретаријатот за европски прашања изминатата година склучи два меморандуми за соработка со двата кампуси на Колеџот на Европа, едниот во Бриж, Белгија и другиот во Натолин, Полска. Соработката за нас значи отворање на вратите кон подобра обука за јавната администрација и идните генерации кои ќе работат во сферата на евроинтеграциите, изјави Блажеска.

Посочи дека е предвидено воспоставување на Национален комитет, со претставници од македонските институции и од Колеџот на Европа, кои што ќе вршат заедничка селекција на македонски студенти.

– Им стоиме на располагање на студентите и ние и претставниците од Колеџот на Европа за сите детали во врска со начините на аплицирање, а понатаму и во врска со начините за добивање стипендии. Покрај нашите има можност да се добие стипендија и од самиот Колеџ, рече Блажеска.

Секретаријатот за европски прашања, продолжи Блажеска, секоја година доделува стипендии „Габриела Конеска Трајковска“, кои имаат за цел да покријат едногодишни мастер студии во странство од школарина, трошоци за живот и пат во износ до 20 илјади евра.

Директорот на одделот за комуникации и регрутација на Колеџот на Европа Ричард Вашингтон, рече дека Колеџот на Европа е многу успешна институција чии студенти се водечки членови на процесот на интергација на земјите од кои доаѓаат.

– Кампусот на Колеџот на Европа привлекува голем број од светските лидери и политичари, кои се многу важни во глобалните политички процеси. Кампусот значи и ако дојдете и учите со нас ќе станете дел од нешто многу поголемо и можеби и самите придонесете на некој начин, рече Вашингтон.

Колеџот на Европа е најстар и најпрестижен институт за постдипломски студии во областа на Европската унија. Формиран е 1949 година, ангажира 230 професори и експерти од над 20 држави и има професионална алумни мрежа со повеќе од 11.500 членови.

Најчитани вести