Колинда Грабар- Китаровиќ нов претседател на Хрватска

Колинда Грабар-Китаровиќ победи во вчерашниот втор круг од хрватските претседателски избори и стана првата жена-претседател на Хрватска, пренесе МИА.

Својата победа, Грабар-Китаровиќ ја извојува во „мртва трка“ со досегашниот шеф на државата Иво Јосиповиќ, освојувајќи нешто над 50 отсто од гласовите.

За Јосиповиќ гласаа 49 отсто од хрватските гласачи. Доцна синоќа, кога стана јасно дека неговата политичка противничка ја мина границата од добиените 50 отсто од гласовите, тој го призна поразот и ја честиташе победата.

Овие претседателски избори беа главниот тест за рејтингот и позициите на двете главни политички партии во земјата пред парламентарните избори, што се предвидува да се одржат кон крајот на оваа година.

Вториот круг од избирите за нов шеф на државата поминаа во уште понеизвесна трка од првиот круг одржан пред две недели, кога со минимално водство од два отсто победи досегашниот претседател Јосиповиќ.

Тој беше претседател од 2010 година и за трката за неговиот втор мандат беше кандидат на владејачката левоцентристичка коалиција. Јосиповиќ важеше за фаворит на овие избори затоа што ужива популарност и почит во хрватската политичка јавност, па изборниот пораз на овој правник и композитор на класична музика се смета за изненадување.

Новата претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ (46) на изборите беше каандидат на опозциската Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Таа е член на оваа десноцентристичка партија и е поранешен министер за надворешни работи. Едно време, Грабар-Китаровиќ беше помошник на генералниот секретар на НАТО.

Изненадувачкиот пораз на досегашниот претседател и кандидат на хрватска левица, навестува дека гласачкото тело во земјата полека се свртува кон десниот центар, незадоволно од долгата економска криза,како и од неможноста на актуелната влада да ја разреши шестгодишната стагнација

Хрватска е најмладиот член на ЕУ, од јули 2013 година, но се соочува со долга рецесија и невработеност од приближно 20 отсто. Јосиповиќ заговараше уставни промени за разрешување на економската криза, вклучувајќи и зголемување на овластувањата за претседателот на земјата.

фото: vecernji.hr