Колку бактерии има во еден бакнеж?

Бактериите се последното нешто на кое што размислуваме кога се бакнуваме, но истражувањата покажуваат дека колку почесто го правиме тоа, толку повеќе бактерии разменуваме со партнерот односно партнерката.

Студијата на група холандски научници покажа дека за време на еден бакнеж од 10 секунди се пренесуваат околу 80 милиони орални бактерии. Двојките кои се бакнуваат околу 9 пати во текот на денот поради честото пренесување на плунката имаат исти заедници на орални бактерии.

Научниците од ТNO (Холандска организација за научни истражувања) побарале од 21 двојка да пополни прашалници поврзани со тоа колку често се бакнуваат и колку долго траат нивните бакнежи. Потоа бил земен примерок од нивната усна шуплина со цел да се откријат бактериите кои може да се најдат таму. За да откријат колку микроби се пренесуваат при само еден бакнеж, еден од партнерите требало да испие пробиотски пијалак кој содржи најразлични бактерии, а потоа да се бакнува со другиот.

-Интимното бакнување кое подразбира директен контакт со јазикот и плунката е начин на додворување уникатен за луѓето во повеќе од 90 проценти од културите,вели водачот на истражувањето Ремко Корт.

Иако досега не се истражувани ефектите на интимното бакнување врз оралните бактерии, сосема е јасно дека колку повеќе се бакнуваат паровите, толку повеќе стануваат слични во однос на бактериите кои ги носат во усната шуплина.