Колку чинат „октавиите“ купени од донорот на СДСМ?

Дали МВР ја плати вистинската цена за „шкодите“ е прашање кое се поставува по повторното обелоденување на скандалозната набавка на МВР на 45 автомобили кои полицијата ги купи од „Делукс Ауто“ од Куманово, фирма која била донатор на СДСМ.

Набавката на „октавиите“ од МВР беше окарактеризирана од крајна итност, па за зделката не бил објавен јавен оглас за јавни набавки, туку било одлучено постапката да оди со преговарање. МВР не го објави ни договорот за набавка на возилата, а за тоа од која фирма ги купила „шкодите“ обелоденија свиркачи на анонимен блог.

Автомобилите беа купени откако Чешка лани донираше еден милион евра за набавка на возила неопходни за опремување на граничната полиција. Во август лани беше потпишан договор со кумановската фирма во висина од 62.806.500 денари, без ДДВ за набавка на 45 возила. Со договорот „Делукс Ауто“ е задолжен да врши сервис следните три години, како и да обезбеди летни и зимски гуми за возилата.
Интересно во целиот случај е што за прв пат МВР купува возила од фирма- дилер, а не од овластен увозник, иако и таа учествувала во преговорите.

Првата донација од Чешка за македонската полиција беше во 2016 година, кога беа донирани 740.000 евра, а беа купени 25 возила од типот „шкода јети“. И тогаш постапката беше без јавен оглас, поради крајна итност, но набавката на возилата беше од овластениот дистрибутер „Порше Македонија“.

Истата фирма победи на тендерот за набавка на 150 автомобили во 2012 година, кога МВР одбра да купи 150 „шкода јети“. Вредноста на набавката беше 3.150.000 евра, а едно возило чинеше околу 21.000 евра, но со целосно вградена полициска опрема.

Освен тоа МВР од понудувачите бараше минимум гарантен период на моторот и на подвозјето од 36 месеци или 100.000 километри и на каросеријата од корозија 12 години. Предвидени беа и посебни услови за вградување на резервни делови кои не се предмет на гаранција во текот на гарантниот период – максимум 15 отсто маржа на набавната цена на деловите, попуст од 30 отсто на редовната цена на норма час. И тогаш набавувачот беше обврзан на бесплатен тригодишен сервис и замена на гуми.

Независно од начинот на набавката, она што е симптоматично во купувањето на „октавиите“ е дека дилерот понудил пониски цени од увозникот.

Според достапните бројки, за еден милион евра МВР купило 45 “октавии“, што значи дека вредноста на едно возило изнесува околу 22.220 евра. На ценовникот на „Делукс-ауто“ стои дека основниот модел на „октавиа актив“ е 14.520, а најскапиот модел е 17.220 евра, во зависност од силата на моторот и погонското гориво.

Симптоматично е тоа што економската пракса и логика велат оти доколку се купи поголем број на автомобили следува и намалување на цената.

Според овие бројки, разликата помеѓу реалната вредноста на овој тип автомобил и цената по која тие се набавени е околу 7.500 евра за едно возило.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.