Економија

Kолку ќе чинат автомобилите по забраната за увоз на еуро 2?

Kолку ќе чинат автомобилите по забраната за увоз на еуро 2?

Според одлуката на Владата, увозот на возила со мотор со стандардите еуро 2 ќе заврши до крајот на годинава, по што ќе следува шестмесечен преоден период во кој ќе биде дозволен увоз на автомобили со нормите еуро 3, потоа во Македонија ќе можат да се увезуваат само автомобили што ги исполнуваат стандардите еуро 4 за издувни гасови.

Во изминатиот период од март 2010 година, кога со измените во правилниците и законската регулатива се дозволи увоз прво на еуро 1, а потоа и на возила еуро 2, во Македонија влегоа повеќе од 160 илјади стари патнички возила, што е речиси две третини од поранешниот вкупен возен парк, чија просечна старост се проценуваше на 14-15 години. За жал, и огромен број од тие возила беа толку стари (нормите еуро 1 во Европа стапија во сила во 1993, а еуро 2 во 1997 година). Тоа значеше дека освен драстичното зголемувањето на бројот на возила во сообраќајот и делумната замена на прастарите автомобили од социјалистичко време со малку понови, не се постигна многу за подобрување на сликата на нашите патишта. Напротив, поголемиот број, сега посилни возила што се возат повеќе од старите, доведе до поголем број сообраќајни несреќи и зголемување на загадувањето.

Оваа состојба ниту сега нема многу да се промени – за тоа ќе треба доста време. Но, добро е што првиот чекор е повлечен, а тоа е спуштањето на рампата за отпадот од Европа, бидејќи со новите прописи од идниот јули практично ќе можат да се увезуваат возила не постари од десетина години, бидејќи нормите еуро 4 стапија во сила во јануари 2005 година за новопретставените и една година подоцна за сите возила. Од 1 септември годинава во ЕУ е дозволена продажба само на возила со нормите еуро 6, кои се значително построги за автомобилите со дизел-мотори, а поблаги всушност многу блиски до еуро 4 за бензинските возила.

Што се добива?

Како прво, сите заедно ќе имаме почист воздух за дишење – возилата со нормите еуро 4 имаат за два-трипати помалку штетни материи во издувните гасови. Но, дури и како поважно од тоа многумина ќе ја посочат безбедноста, не само поради помалата старост (а со тоа и истрошеност) на возилата туку и поради фактот дека токму во периодот кога се појавуваа возилата со нормите еуро 4 дојде до пресврт во понудата и побарувачката на автомобили, кои под притисок на сѐ поголемата освестеност на купувачите, без разлика дали прописите тоа го бараа или не, сѐ почесто како дел од својата опрема имаа значителен број безбедносни додатоци. Ако возилата што сега можеме да ги увеземе најчесто немаат АБС и во најдобар случај имаат две воздушни перници, нивниот број кај десетина години старите возила од странство е најмалку четири, а се среќава и систем за електронска стабилност. Ова е битно за сите, бидејќи во сообраќајните незгоди не страдаат само сопствениците на возилата.
Од нивни аспект гледано, пак, тие ќе добијат поголема валоризација на своите пари. Токму возилата стари меѓу седум и десет години имаат најниска вредност во однос на она што го нудат – тоа е периодот по кој опаѓањето на нивната цена е помало, а уште се доста здрави и добро зачувани за да служат уште многу години.
Простата логика вели дека нивниот преостанат век на траење ќе биде за десетина години подолг. Како плус на ова треба да се има предвид дека тоа се возила купени пред кризата во Европа, кога продажбата растеше и купувачите трошеа повеќе на нив, избирајќи посовремени погонски агрегати и побогати пакети опрема. Сега продажбата на возила во Европа повторно почнува да расте, па нивните сопственици ќе размислуваат да се ослободат од нив и да си купат нови, што значи дека понудата ќе биде поголема, а цените релативно пониски.

Што се губи?

Бидејќи ќе дојде до поместување на понудата на стари увезени возила кон понови и поскапи, тие што не можат или не сакаат повеќе да платат нема да можат да најдат возило за себе и ќе треба, со сите давачки и трошоци, да издвојат за него најмалку двојно повеќе отколку сега. Не треба да се очекува дека дупката во понудата на евтини стари возила ќе биде надоместена со автомобилите купени во Македонија како нови во средината на деведесеттите, бидејќи ниту ги има во количества колку што сега се увезуваат стари возила (речиси стотина дневно), ниту, пак, нивната цена ќе биде толку ниска.
Во согласност со тоа, бројот на возила во сообраќајот ќе се намалува, со што ќе дојде до опаѓање и на приходите во буџетот од продаденото гориво. На тоа дополнително ќе влијаат и новоувезените возила, кои ќе трошат помалку. Треба да се очекува и дека дел од оние што веќе имаат старо возило, а нема да го заменат со поново, ќе продолжат да го возат, дури и неисправно или нерегистрирано.
Оние, пак, што ќе купат возило со еуро 4, освен што ќе платат повеќе за него, ќе мора да одвојат и повеќе пари за негово исправно одржување, затоа што иако олку старите возила помалку се расипуваат, нивните поправки чинат повеќе – моторите им се покомплицирани, а имаат и повеќе системи што можат да се расипат. Некои од возачите нема да ги одржуваат своите возила како треба, со што ќе заштедат повеќе отколку што ќе загубат на нивната цена кога ќе им дојде време за продавање, а таквите возила повторно ќе бидат закана за безбедноста.

Целата анализа прочитајте ја во Нова Македонија