Теми

Колку се безбедни вашите деца на Фејсбук?

Колку се безбедни вашите деца на Фејсбук?

Порнографија, педофилија, насилство, неморал, говор на омраза се содржините кои секојдневно се достапни за вашите деца на социјалните мрежи.

Интернетот во денешно време зема се поголем замав не само кај младата популација, туку и кај децата. Речиси не постои дете кое оди во училиште да не користи една од социјалните мрежи. Фејсбук е онаа која е најраспространета во Македонија, а на неа може да се пронајде буквално се.

Самата компанија при правењето на профилот има поставено предупредување дека мрежата не може да ја корсти лице помладо од 18 години, но оваа на некој начин бариера лесно се преминува со тоа што самото лице кое го креира профилот може да остави погрешна година на раѓање. Овој потег не е контролиран од страна на компанијата и затоа се почесто малолетниците креираат и по неколку профили.

Децата најчесто започнуваат да го користат Фејсбук поради играњето на игри, но подоцна по нивниото навлегување во социјалните мрежи и учењето да сурфаат доаѓаат до информации кои не се соодветни за нивната возраст.

facebook-and-kids2

На почетната страна од профилот, се појавува еден дел во кој е насловен како „предложени групи“. На ова место малолетниците секојдневно доаѓаат во допир со содржини кои се несоодветни за нивната возраст.

На Фесјбук нема никакви забрани за да се пронајдат групи кои иницираат на сексуални односи, геј популација, насилство, блуд, неморал, педофилија…

Чести се случаите во кои малолетничките на својот профил поставуваат фотографии во бикини или на кои се делумно облечени. Истите тие фотографии се поставуваат „јавно“ за на некој начин да соберат што е можно повеќе „лајкови“ кои на нивни години покажуваат колку се популарни и пожелни, не разбирајќи ја опасноста од педофилите кои демнат таков вид на „жртви“.

Girls-With-Half-Naked-Girls-On-Facebook_o_97706

Со самиот тој начин на објавување на фотографии тие се лесен плен за постарите, најчесто, мажи кои се возбудуваат гледајќи разголени фотографии од малолетни девојки.

Случајот од Босна и Херцеговина, кога 15 годиншни девојчиња заминаа во Ирак и Сирија за да се омажат за џихадисти, го покажува влијанието на социјалните мрежи врз младите.

Меѓу последните случаи кои се од Македонија е за 15 годишна девојка од Скопје која со своите родители се преселила во Лиеж. Таа неодамна започнала да ги поддржува екстремистите, и решила да ја промени својата вера и да замине во Сирија. Девојчето во Македонија се води за исчезнато, а неодамна на своите родители им пратила порака дека е добра, да не се грижат за неа и се наоѓа во Сирија.

„Меѓаши“: интимната отвореност на децата ги прави лесен плен за педофилите

Децата станаа најранлива корисничка група, која најмногу го користи Интернет, а не ги знае сите опасности што постојат на тој „простор“. Основната карактеристика на овие криминални активности е фактот дека децата повеќепати се жртви на малтретирање. Децата првенствено се малтретираат физички и сексуално, а се малтретретираат и со прикажување разни видеоснимки и слики. Ова малтретирање може да се повторува во недоглед со секоја следна репродукција, а може да се прикажува на неограничен број места по пат на Интернет и другите современи средства за пренос на податоци, велат од Првата детска амбасада „Меѓаши“.

„Интернет често се разбира како општествен простор во кој сѐ дозволено, па дури и прекршување на основните детски права. Тинејџерите треба добро да размислат пред нешто да објават, испратат или блогираат на социјалните мрежи.Малолетниците треба да го постават профилот да биде приватен и одвреме-навреме да проверуваат за да се осигураат дека поставувањата не се променети, треба да ги прегледаат сликите на кои се обележани од своите пријатели и да ги отстранат оние кои се навредливи. Тинејџерите треба да запомнат дека информациите на интернет може да останат засекогаш. Нивните лични информации може да ги видат луѓе кои не ги познаваат, вклучувајќи и педофилите. И што е најважно – децата лесно можат да станат плен на сајбер-насилниците, кои особено ја преплавуваат социјалната мрежа „Фејсбук“. Се’ поголема е осаменоста и отуѓеноста на децата, кои не можат да најдат разбирање и да бидат сослушани од нивните родители, наставници, психолози во училиштата. Поради нивната наивност се’ почесто се одлучуваат да ги споделат своите тајни во виртуелниот свет. Постираат записи, слики, споделуваат дури и сексуални искуства на интернет, со што стануваат жртви не само на нивните врсници кои ги споделуваат ваквите видеа и слики, туку и на возрасни лица и на педофили кои ги врбуваат на мрежите, чекајќи ги своите жртви““, велат од „Меѓаши“.

Од „Меѓаши“ додаваат дека со развојот на Интернетот и социјалните мрежи се овозможи експанзија на еден од најдоброплатените бизниси, а тоа е детската порнографија.

„Преку појавата на Интернетот се поголем број на деца се изложени на директен или индиректен ризик и опасност, пред се поради нивната детска отвореност, наивност, неискуство и често оставајќи ги своите лични податоци преку регистрирање на многу сајтови, не земајќи предвид што се може да се случи. Многу често млади обидувајќи се да им се допаднат на своите врсници, да остават впечаток на забавни, флексибилни,отворени и слободоумни своите интимни искуства ги споделуваат на социјалните мрежи. Со вакниот начин на меѓуврсничка комуникациија не се ни самите свесни дека можат да станат жртви. Најчести причини за ваквото несоодветно однесување се: немање добра семејна кохезија, недостаток на љубов и внимание, желба по секоја цена да бидат приметени или впечатливи“, додаваат од амбасадата.

На крај „Меѓаши“ велат дека родителите се оние кои имаат клучна улога во помагањето на децата да им обезбедат безбедни и позитивни искуства на интернет. Тие треба да бидат во тек со активностите на нивните тинејџери на интернет. Добро е доколку го постават компјутерот на некое видливо место во домот. Родителите треба да дискутираат со своите деца за тоа кои сајтови се во ред да ги истражуваат, а кои не се и да имаат јасни правила околу активностите на интернет. Ако детето ги користи сајтовите за социјални мрежи, родителите треба да се осигураат дека ги разбира карактеристиките за приватност – како да го уреди профилот да биде приватен и да го ограничи пристапот на информации. Исто родителите треба да го охрабрат детето да ги испита онлајн-пријателите и да ги блокира оние што испраќаат навредливи содржини. Родителите треба да бидат отворени со своето дете за тоа да може слободно да им се обрати доколку нешто го загрижува.

МВР може да интервенира само по пријава

Иво Котевски, помошник министерот за внатрешни работи вели дека МВР нема увид во се што се објавува.

„Фејсбук е приватна компанија и ние како Министерство за внатрешни работи немаме увид што се се објавува на социјалните мрежи. Можеме да интервенираме по пријава и да постапуваме во доменот на нашите овластувања. Фејсбук, како компанија, сама реагира на несоодветните појави и тоа го има во условите кои се користат“, вели Котевски.

Се воведуваат часови по приватност!

Градот Скопје заедно со Дирекцијата за заштита на лични податоци во средните училишта воведува „час по приватност“. Според податоците од Хелсиншкиот комитет во 2013 година во Македонија се случиле 116 злосторства од омраза во кои главни учесници биле малолетниците.

„Една од генералните причини што, Градот Скопје се вклучува во еден ваков проект и во целост даваме поддршка за реализација, се податоците добиени од проектот за набљудување на криминалот од омраза на Македонскиот Хелсиншки комитет, според кој во 2013 година биле регистрирани 116 злосторства од омраза, а најчести сторители и жртви се токму малолетниците,“ изјави градоначалникот Коце Трајановски.

how_to_make_the_web_safer_for_your_kids_relatedimage.jpeg.size.xxlarge.letterbox

Дали родителите можат да ги контролираат нивните деца што тие прават на интернет?

Факт е дека родителите не можат во целост да ги контролираат активностите на нивните деца по социјалните мрежи, но можат делумно да ги контролираат и да им укажат на последиците кои можат да настанат доколку станат „фан“ на некоја од овие страни.

Родителите потребно е да ги знаат лозинките на профилите на нивните деца и да проверуваат што тие прават додека се интернет, како и да не им дозволуваат да ги користат социјалните мрежи без надзор од нивна страна.

„Моето дете можам делумно да го контролирам што прави на социјалните мрежи. Факт е дека денеска е малку потешко да се има целосна контрола со оглед на тоа дека децата имаат паметни телефони преку кои цело време се конектирани на интернет“, вели Весна, мајка на 9 годишен син.

„Кога детето е дома и е приклучено од компјутер полесно се контролира што прегледува и што се му се појаува на неговиот профил на фејсбук. Но, кога не е е малку потешко. Практикувам децата кога се пред компјутер да бидат под мој или надзор на сопругот, но колку е тоа успешно ни самите не знаеме“, вели Марија, мајка на 11 годишно девојче.

„Не може да се има целосна контрола. Важни се домашната култура и воспитување. Сметам дека децата не треба да имаат профили на Фејсбук и на тој начин ќе бидат децата повеќе заштитени. Моето дете нема профил, едноставно јас тоа не го дозволувам“, вели Светлана, мајка на 8 годишен син.

Дали денеска проверивте што вашите деца гледаат на Фејсбук?