Колку што собрале заштеди, толку и кредитирале

Македонските банки, во последнава година, колку што собрале депозити од граѓаните и фирмите, толку и им поделиле кредити. Ова го покажуваат најновите податоци што ги објави Народна банка на Македонија, според кои, за период од една година вкупните депозити во банкарскиот сектор пораснале за 248 милиони евра, додека, пак, кредитирањето има речиси идентично зголемување, од 250 милиони евра, анализира „Утрински“.

Според најновите показатели во февруари годинава вкупните депозити во нашите банки достигнале ниво од 4,28 милијарди евра, наспроти 4,03 милијарди, колку што изнесувале во истиот месец минатата година.

Лавовскиот дел од порастот на заштедите се должи на влоговите на граѓаните, кои за период од една година на банките им довериле на чување нови 229 милиони евра, со што штедењето на домаќинствата достигна 3,11 милијарди евра. Наспроти нив, кај депозитите на компаниите дури е регистрирано и годишно намалување на нивните депозити, иако станува збор за мала сума од околу пет милиони евра, со што сметките на бизнис-секторот вкупно изнесуваат 903 милиони евра.

„На крајот на февруари годишната стапка на раст на вкупните депозити е 5,6 отсто и е над проекцијата со која се предвидуваше раст од 3,9 отсто за првиот квартал“, пишува во најновиот мартовски извештај на НБМ.

Само за еден месец, пак, во февруари, вкупните штедни влогови пораснале за над 58 милиони евра, од кои домаќинствата во овој месечен раст придонеле со дури 46 милиони. Додека, пак, на месечна основа и фирмите имаат солиден раст, од околу девет милиони евра.

Но, и покрај растот на штедните влогови, во најновата оценка на кредитната агенција „Фич“ за Македонија, која го потврди кредитниот рејтинг ББ+ стабилен, меѓу другото се вели и дека во земјава и натаму е ниско граѓанското штедење. „И покрај зголемувањето на инвестициите, се’ уште е ниско нивото на заштеди на граѓаните, со што се ограничува растот на среден рок“, констатирале од агенцијата.

Инаку, според податоците на НБМ, пораст има и кај штедењето во девизи, и кај она во денари, кое и натаму доминира во вкупната структура.

Кога станува збор за кредитирањето, пак, податоците говорат дека банките, сепак, повеќе го кредитираат граѓанството отколку компаниите. За период од една година вкупните кредити пораснале за 250 милиони евра, односно од 3,55 милијарди евра во февруари лани, се искачиле на 3,80 милијарди на крајот на вториот месец од годинава.

Од овие 250 милиони евра, дури 153 милиони се зголемување на кредитирањето на домаќинствата. Сега граѓаните на домашните банки вкупно им должат 1,57 милијарди евра. Додека, пак, кредитирањето на компаниите во февруари годинава, во однос на истиот месец лани пораснало за 90 милиони евра, достигнувајќи вкупно 2,2 милијарди евра.

„На крајот на февруари годишната стапка на раст на вкупните кредити изнесува 7 отсто и е над годишниот раст од 5,3 проценти проектиран за првиот квартал на 2014“, велат од НБМ. За годинава, според проекциите на Народна банка, кредитниот раст треба да изнесува 6,3 проценти.

Она што е интересно кај кредитирањето е дека во февруари има висок месечен раст кај бизнисот, за околу 8 милиони евра, дури и повеќе од новите заеми што ги добиле домаќинствата, во износ од шест милиони евра. Вкупно за еден месец кредитите пораснале за 15 милиони евра.

Во своето вчерашно интервју за Радио Слободна Европа, првиот човек на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Мендерез Кучи, изјави дека во последниот период банките се подобруваат во поглед на кредитирањето на фирмите, а на тоа, според него, голем придонес дава и централната банка, на чело со гувернерот Димитар Богов.

„Банките не се друго, туку обични компании како и нашите, но тие наместо да продаваат стока, продаваат пари за одредена цена и се’ додека побарувачката е поголема од понудата, тој нивен производ, односно парите, ќе биде поскап. Кога ќе има поголема понуда од побарувачка, секако дека цената на тие средства ќе падне, и токму во овие две години се наоѓаме во тој тренд на намалување на каматните стапки на сите деловни банки во земјава. Верувам дека тој тренд ќе продолжи и оваа година“, вели Кучи. Во поглед на ризикот и неговата процена, Кучи вели дека банките и во тој поглед се’ повеќе развиваат партнерски однос со фирмите. „Тука навистина веќе е партнерски однос во прашање, а не лихварскиот, како што беше до скоро… Ние често пати добиваме доста квалитетни совети од нашите банки. Веројатно и кадровската политика кај нив е доста променета. Така што, навистина можеме да се пофалиме дека имаме една добра, природна релација меѓу банките и бизнисот во последно време, и верувам дека тој тренд ќе продолжи и натаму“, вели Кучи.

Инаку, лошите заеми во февруари се на ниво од 433 милиони евра, или кај нив има месечен раст од пет милиони евра.