Колумбија: Од стомак на девојче извадени 104 капсули дрога

Полицијата денеска во градот Кали откри најмлад „доставувач“ во Колумбија, која се обидела да прошверцува половина килограм дрога во Европа, објави МИА.

Од стомакот на 11-годишното девојче со операција отстранети се повеќе од сто капсули дрога. Девојчето е во болница во Кали, западна Колумбија, каде ја чува полицијата.

– Извршена е операција со која се отстранети 104 капсули и тие се тестираат за да се утврди видот на дрогата. Сите знаци укажуваат дека на овој ужасен чин ја натерале возрасни лица, истакна полицискиот командант Ховер Пениља.

Родителите на девојчето не живеат заедно, а мајката изјави дека детето за викендот била кај таткото.

– Во текот на ноќта девојчето имало мачнина, а утрото е доведена во болница, истакна Пениља, додавајќи дека полицијата трага по таткото.

Според податоците на Обединети нации, Колумбија, покрај Перу е една од водечките земји-извознички на кокаин во светот.