24 години свиткан р’бет. Доста се!

Изминатиот 11 Октомври, Ден на народното востание, е една од последните можности да се разбудиме како народ и држава и да го исправиме свитканиот, повеќе од две децении, р’бет. Во 1941 година нашите предци најдоа храброст да се спротивстават на окупаторот, кој на територијата на Македонија беше организиран во Петтата бугарска армија, една италијанска дивизија, еден германски полк, плус бројни балистички и колаборационистички сили. Македонското востание почна со нападот на Прилепскиот одред од 16 борци врз полициската станица, затворот и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп. Вкупниот број на тогашните партизани беше одвај 133 (Карадачкиот одред  – 15 борци, Козјачкиот – 26, Скопскиот  – 35, Кумановскиот – 41). Од нив загинаа 10, на 24 им беа изречени смртни казни, а 82 беа испратени во затвор. Овој погром не го уништи македонскиот народ и дух и по три години тој стигна до победата по цена од 25 000 жртви.

Македонската држава создадена на десетици илјади жртви илинденци и антифашисти моментално гине без борба. Историјата се повторува но на софистициран начин. Денес окупаторите не доаѓаат со војски, не бесат, не стрелаат и не силуваат јавно. Иако кога им е потребно како во 2001 година го прават и тоа. Доаѓаат со дипломатски, советнички т.е. легални ингеренции, со насмевки и пријателски пораки, а во скриените од јавноста средби со македонските политичари ги уценуваат, ги плашат со казни и тероризам во Македонија. И практично го довиваат нејзиното уништување доброволно, со менување на закони, кршење на Уставот и т.н.. Таков е резултатот секогаш кога политиката се одвива далеку од народот, кога политичарите се преобразуваат во свети крави кои мислат дека се договараат со странските касапи, а всушност капитулираат пред нив и стануваат обични крави кои одат курбан заедно со народот и државата. Понекогаш го зачуваваат својот живот и добиените од странците 30 јудини сребреници.

Обратете внимеание! Сите македонски политичари, независно од кој политички табор се, во последниве 24 години велат дека клучните прашања за македонскиот народ и држава мора да се решаваат со тајни преговори, разговори и т.н.. Кога македонската јавност не знае како се одвива прашањето за нашето уставно име во преговорите со Грција, ЕУ и САД, кога не знае како одат преговорите со Бугарија, тоа е знак за нешто нечисто и поточно кажано за идна катастрофа. На тој начин тајно беше потпишан Рамковниот договор како и договорот од Пржино кои го ставија македонскиот народ пред свршен чин, ги одземаа неговите ингеренции и ја разнебитија македонската држава.

Денес албанските повици да се прошири Рамковниот договор со официјална федерализација на Македонија звучат како повиците да се спроведе Договорот од Пржино. Во изминатите 14 години се виде дека Рамковниот договор ги прави Македонците малцинство во сопствената држава (меѓутоа според Уставот таа не е веќе наша). Се виде дека наметнатиот Бадинтеров принцип во Собранието и општините е апсолутно штетен во нормалното функционирање на Македонија. Ете зошто не мора ниту да се размислува, ниту да се дискутира за проширување на Рамковниот и Бадентеровиот (во судството, во ДИК и т.н.) ќорсокак, туку тие целосно да бидат укинати. И Договорот од Пржино ја покажа својата штетност веднаш по потпишувањето. Доволен доказ е неуставно донесениот закон за посебно јавно обвинителство. Хаосот продолжи со изборот на Катица Јанева за специјален јавен обвинител, очигледна одлука од надвор. Сите менувања на Уставот, донесени договори (Рамковен, пржински), закони (за територијалната поделба, за посебно јавно обвинителство), спогодби (привремената спогодба со Грција), декларации (Декларацијата со Бугарија од 1999) беа донесени од странци со цел дестабилизација на Македонија.

Нема зошто да се чудиме дека нелегитимниот странски миленик Јанева бара осум пати повеќе пари за својата институција од колку што е буџетот на легитимното Јавно обвинителство, дека бара 30 боди гарди, повеќе отколку што имаат Путин и Обама, дека бара 124 вработени со 211 000 евра месечно плати т.е. просечно по 1.700 евра, дека сака да троши по 4.000.000 евра годишно во споредба со целото Министерство за правда чиј буџет е 5,9 милиони евра. Овие цифри се доказ какви одлуки се спрема да носи Јанева.

На сите овие циркуси во и со Македонија мора да се ставио крај.Најпосле владеачката ВМРО-ДПМНЕ мора да превземе одговорност за судбината на државата. Таа партија е избрана од македонскиот народ во и надвор од Македонија да ги брани неговите интереси. Азбучна вистина од антиката до денес е дека кога една држава е загрозена (како Македонија во 2001 година и денес) независно дали од надвор или од внатре, да ги користи за одбаран судскиот систем, полицијата и армијата. Затоа ако Македонија се руши пред нашите очи истата одговорност ја сноста и оние кои ја рушат и тие кои им го дозволуваат тоа. Ете зошто функционерите на власта од секаков калибар мора да престанат да се жалат во медиумите дека Заев, СДСМ, соросоидите, странците биле штетни за Македонија, дека ја отценувале владата и т.н.. Актуелната власт мора да носи одлуки и да ги реализира, а ако дозволи некој да ја отценува тоагаш не е власт. Не може Заев истовремено да биде шпион и партнер за преговори, СДСМ да ја уништува државата и да биде дел од владата. И бидејќи предавството на Заев е на тапет прашањата се кон ВМРО-ДПМНЕ: Зошто го прифативте Пржино, зошто го укинавте Уставот со гласањето на посебно јавно обвинителство, зошто воопшто преговарате дали македонскиот народ надвор од Македонија дали воопшто да гласа или не? Не можете да се правдате дека државата гине заради Заев и СДСМ ако со вашето гласање во Собранието, со вашите политички одлуки вие ги легитимирати тие антидржавни дејствија.

Секоја македонска партија со претензии за национално одговорна мора да знае дека има работи за кои не се преговара и не се гласа: името на македонскат држава, македонскиот идентитет вклучително и јазикот, територијалната целост и интегритет. Одлука за нив нема право да носи ниту Собранието ниту некаков референдум. Територијалната целост и интегритет се губи само преку војна. Македонското име и идентитет пак не успеале да ги уништат ни многуте странски окупации.

На денешната македонска трагедија ќе биде ставен крај. Дали со избори или без избори тоа е прашање на моменталните состојби. Крај ќе биде ставен не на македонскиот народ и држава туку на сите тие кои веќе не мислат поништени. Не е битно колку се на број, каде се позиционирани и кој ги поддржува. Ќе потсетам дека македонското народно востание почна само со 16 херои, а приклучи победоносно 85 000 јунаци. Мене ме охрабрува фактот дека денес многу повеќе Македонци се спремни да ја бранат својата држава и слободна иднина на ист начин како во антифашистичката борба. Тоа го гледам во секој град (пред неколку денови и во Кратово) каде има трибини Македонскиот манифест. Меѓупартиските интриги се пред се’ во Скопје но главниот град не е цела Македонија. На другите места членови на ВМРО, СДСМ непартиски имаат општ став за македонското име, идентитет, против федерализацијата, Рамковниот и пржинскиот договор, против партискиот криминал. Се’ повеќе македонски граѓани разбираат дека идните избори нема да донесат ништо без длабоки промени во македонското општество и партискиот систем, без менување на критериуми и принципи во нашиот однос кон државата. Станува се побројна критичната маса граѓани кои не само што бараат да се расчисти со македонските Јуди, но и се спремни за дејствија во тој правец. Затоа што доказ за македонство не е изводот од матичната книга туку тоа што го правиш за својот народ и држава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.