Црвено

Ние, сега и овде, ја пишуваме историјата на Македонија. Да. Кој го гледа тоа, разбрал, кој не ќе му се појасни потоа, кога оваа сегашна историја ќе ја чита некаде. Македонија, каква што ја познаваме, можеби веќе одгодина нема да ја видите.

Станува збор за оваа Македонија: матична држава на Македонците, во која службен јазик е македонскиот. Со своја територија, суверена и демократски избрана власт, своја историја и култура. Со свое историско и етничко име, Македонија.

Виделе или не, запалена е црвената сијалица за тревога.

Поминаваме десет години на државна, економска и национална рехабилитација. Со радикално намалена невработеност, зголемени пензии, плати, субвенции… по дваесет години за прв пат почнаа да се градат болници, школи, судови, театри, булевари…

И време кога човек почнува да верува во себе, и можноста да биде и подобро. Време без етнички тензии, иако војната од 2001. и не е така далеку.

И одеднаш, некој сето тоа сака да го запре. Зошто?

Да запрат сите тие процеси, и на власт да се вратат оние од темната транзиција; кои ја уриваа одбраната на Македонија во 2001.; кои го продадоа знамето и уставното име; зад чиј потпис стојат 200.000 невработени; сопственици на најскапите куќи на Водно откупени по кратка постапка по цена за гарсоњера; комунистички кодоши кои изградиле кариери и богатства од кодошење колеги во полиција, конвертирајќи во невладин сектор кој е сервис на странски политики и пак за пари, и повтроно за пари продавајќи нешто што е наше: име, знаме, демократија, јазик, култура, слобода, нација, перспектива…

Еве ги сега, во нова акција: федерализација на Македонија. А потоа, федерализираната Македонија ќе биде она што Грција ќе го побара. И ќе го добие.

Се почна, барем видливиот дел од акцијата, со уцена на локален кримоген олигарх од Струмица, донесен преку ред и без капацитет за шеф на опозициска партија, кој оди кај легално избран премиер и го уценува: имам ваши приватни телефонски разговори, или дајте оставка или ќе ги објавам.

Видовме снимка како уценува газди на големи фирми, по истиот модел. Сега го избрале и пратиле да урне држава. За возврат, ќе добие нова амнестија. И, сосема логично, уцената е одбиена.

Требаше Заев да биде уапсен уште истиот ден. Да се запленат незаконски стекнатите разговори, и да го изнесат пред суд. Да објасни од каде добил толку снимки, колку што Македонија нема од 1945-та до денес. Да објасни која е природата на неговите контакти со некои амбасадори, со италијанскиот за почеток.

Да дознаеме и кои биле контактите на Верушевски во Италија, додека бил функционер за безбедност во нашата амбасада во Рим.

Но, тоа не се случи.

Кога соросоидите почнаа насилства пред владата и собранието, доаѓање на дежурните пропагандисти од глобалните медиуми од типот на Ал Џезаира, плус влез на косовски терористи во Куманово… беше веќе јасно дека работата е спремана од надвор. Беше тајна само причината.

Да сакаа странците да ја соборат владата на Груевски, уште во март-април ќе го направеа тоа. Но, не. Разликата, доминацијата на Груевски над СДСМ кај Македонците е толку голема што со тоа би се предизвикал силен негативен ефект, немири и тензии кои без сомневање би завршиле како етнички, и регионални. Треба, за почеток, ВМРО да се ослаби до крајни граници. А потоа…

На нив се уште им треба владата на Груевски, како изворно доминантна во јавноста, но им треба и СДСМ посилен од сега, за да биде менаџер на кризата и извршител на уривањето.

И тогаш, и сега, сметам дека требаше ВМРО- ДПМНЕ да го напушти собранието, да се гласа за предвремени избори веднаш, и да се излезе на улица. Без подоцнежните малтретирања со преговори, специјални обвинители, тивката втора амнестија на олигархот Заев. Јавно да се каже што е целта на превратот и кој стои зад тоа, и да се бара поддршка од Македонците за избори – веднаш, и победа – сега.

Почна уривањето на македонското општество. Оние кои градат, треба да бидат лошите. Оние кои краделе, амнестирани или не, треба да бидат добрите.

Кодошите, соработници на комунистичките полиции, сега им судат на другите за нивни приватни телефонски разговори. Приватни, не кодошлаци. А и тие монтирани.

Стаорци од политичките подземја станаа агитатори. Ги собираа од маргините, и им отворија сајтови кои служат за неказнето газење врз луѓе. Како во нивната ’48.

Зошто се случува сето ова… која е крајната цел.

Да се сузбие секаков отпор – вербален, политички, економски, медиумски, интелектуален, финансиски, етнички… личен и колективен за уривање на Македонија која ја знаеме сега. И создавање некоја друга… која, и каква?

Треба само да се гледа, и ќе се разбере.

Заев го вети следното: двојазичност на албанскиот и македонскиот јазик на цела територија на Македонија. Подготвеност да ги прифати условите од Атина како најдобро можно решение за нас, накитено со зборови за нашите европски иднини и слично.

Право на Албанците во Македонија на вето на секоја одлука. Последниот чекор на Заев и СДСМ да прифати дека двајца албански членови на Државната изборна комисија имаат право на вето на одлука на другите седум членови – е првиот чекор. Ова правило, наскоро, со СДСМ ќе биде правило во Уставниот и Врховен суд, во судскот совет… во сите државни институции. Гласот на Македонците, колкав и да е, нема да има никаква важност.

Почна со поништување на Македонецот во иселеништво. А продолжува и тука.

Накусо, да добиеме федерална држава во која Албанците имаат право на вето на одлуките кои ќе важат за сите. Ние, Македонците, никаде немаме право на вето.

Дали е ова само можност, опција. Не. Ова веќе се случува, сега и овде.

Тоа е причината зошто ВМРО и Груевски треба да се ослабат. Да се замрзнат медиумите кои не се под соросоидите. Затоа се валкаат и газат сите од јавниот живот кои не се согласуваат со ова.

Но, ќе издржиме. Тоа газење и валкање не е ништо во однос на косовизацијата која ќе следи ако им успее превратот со Заев. Затоа, подобро да се издржи овој напад сега кој, сепак, е привремен – од она што следи со федерализирана, косовизирана и колонизирана Македонија, без народ и уставно име. Тоа е засекогаш.

Затоа и се врши притисок на Заев да не му се суди. Да се заштити извршителот.

Заштита на Заев не е можна според закон, затоа се менуваат законите и се создава неуставна институција. Се повторува истиот модел кој беше применет со СДСМ за Заев: се измислува специјално обвинителство и се носи на чело анонимен неквалификуван лик, како и Заев, кој ќе стори се што амбасадорите ќе побараат од него. Кој не одговара пред Македонија, туку пред нив.

Ја извадија Катица од никаде, и ја наградија со функција, како и Заев. Сега тие им се должни на амбасадорите за таа награда, и треба да одработат. А ние да платиме.

Како што ја ценат Геровски и Калајџиев, со капацитет кој не надминува обвинител за кражба на кокошки во Удово, или кршење чаши во казино Аполон.

И не помина многу време за дилеми. Уште на старт Катица, донесена од никаде, се соживеа со улогата на амбасадорски измеќар на кој во Македонија никој ништо не му може, и побара вработувања за дури 124 луѓе, и буџет од 4 милиони евра годишно! Бара 30 бодигарди да ја чуваат… Ако е специјална, нека бидат специјални и парите за неа. Кој провинцијализам и искомплексираност е тоа човече.

Госпоѓо, ти си државен орган во Република Македонија, а не во Вирџинија. Од искуство да ти кажам дека тие на кои им измеќариш, ќе те употребат и фрлат како што стотици такви фрлија низ Балканов. А треба да се живее меѓу своите и понатаму. Можеби тие ќе ти дадат надомест, ќе те прослават и сликаат по нивните медиуми, ќе добиеш стипендии и проекти за децата во странство, и такви нешта но, се што имаш е овде, и се што е овде ќе те презира додека си жива ако планот кој го измеќариш – успее.

Ќе страдаме сите, и од ВМРО и од СДСМ, а особено третите. Ќе ги снема покачувањата пензии, вработувањата, булеварите, субвенциите, новите болници… ќе ја снема оваа Македонија.

Кога е Балканот во прашање, Вашингтон е заинтересиран само за Албанците. Но, можеби тој број на Вашингтон пост и Херлад трибјун не стасале до Гевгелија.

И, со таков шеф на опозција, кримоген олигарх, соросоиди кои и родена мајка би продале за пари и кафе кај амбасадорот кое завршува со нов проект… со специјална од овој калибар која треба да држи страв на се што го ремети планот за федерализација, ние треба добро да отвориме очи, и да го следиме само својот интерес, и својот здрав разум.

Секој од нас има своја совест, и своја одговорност. Јас ова го пишувам со време, и зад мене ќе остане трага за ова. За знаење на другите, и мир на сопствената совест.

Направи го својот чекор и ти. Да опстанеме, и да се сочуваме себе, а потоа ќе имаме време да се расправаме и за партии, и за бизниси, и за се што ќе поскаш.

Сега е време да бидеме заедно. Сијалицата свети црвено. Додека свети, а потоа настапува – мрак.

Драган П. ЛАТАС за ВЕЧЕР

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.