Македонија во спирала на хаос

Денешната состојба на Македонија ме потсетува на еден лозунг во Бугарија од пред четири децении за „големата“ и „малата“ вистина. „Голема“ вистина беа победите на социјализмот во сите сфери на животот, а „мала“ вистина – негативни процеси како корупција, проблеми во економијата, меѓуетничките тензии итн. Во споредба со таа „мала“ вистина, „големите“ победи на социјализмот се покажаа како надуен балон.  Затоа и овој систем цркна, навидум изненадувачки.

Денес во Македонија има две вистини. И двете се објективни. Вистина е дека македонската Влада бара и наоѓа инвестиции, гради објекти од јавен интерес, прави патишта. Не само Скопје, туку и другите македонски градови барем во нивните центри добија угледен вид кој го немаше пред тоа. Секако тоа се должи на градоначалниците од владејачката партија кои управуваат во 57 македонски општини. Во предлог буџетот за 2016 година повторно акцентот се става врз градежништвото, индустријата, инфраструктурата, културата, како и за зголемување на пензиите и социјалните додатоци. Сето тоа е објективна вистина.

Но, во внатрешен аспект има и друга вистина: партизација на општеството, корупција, партиски вработувања, субјективни судски институции итн. Владата која е активна на економски и социјален план, е немоќна да стави ред во државата. Прашањето не е дека во Македонија имало режим како што тврди опозицијата, петтоколонашите, соросоидите и останатите платеници од надвор. Проблемот е во спротивното. Во Македонија за жал, нема јака власт која ќе ги стави на место сите кои работат против македонскиот народ и неговите интереси и против државните институции. Нема нормална држава во светот во која може да постојат опозиција како македонската, странски платеници и агенти. Такви партии веднаш се распуштаат, раководителите им одат во затвор, антидржавни медиуми, фондации, организации, исто така се бришат од Законот, а странски амбасадори кои им помагаат финансиски, логистички и на секој друг начин се протеруваат од државата. Пред една недела се налутивме кога хрватскиот премиер Милановиќ ги карактеризираше Грција, Србија и Македонија како земји во кои „не функционира држава“. Всушност тој е во право, само што мора да ја додадеме кон неговиот список и Хрватска и другите неспомнати балкански земји. Во ниедна од нив не постои ниту власт, ниту држава. Се носат најразлични политички одлуки, се даваат изјави од министри, премиери, претседатели, но тие немаат долгорочна вредност. Зошто е така? Затоа што на Балканот има само протекторати на САД и ЕУ. Протекторати кои се’ повеќе се задолжуваат финансиски – во Хрватска на пример, долгот веќе стигна 82% од БДП, за Грција нема потреба да се зборува. Истовремено тие се економски и политички зависни. Во Србија нема ниту еден слободен медиум, сите се земени од странци. Членството во ЕУ и НАТО ги прави протекторатите законити. Во земји како Србија и Македонија пак, процесот оди преку незаконско „озаконување“ на странскиот диктат. Со менување на закони и Устав, со создавање на паралелни структури на власт.

Која е поголемата вистина за Македонија: економските и социјални потези на Владата или фактот дека таа Влада го нема зборот за практично управување со државата. А, го нема зборот, затоа што ако во внатрешен аспект има две вистини, во надворешната политика има само една. И таа е дека ние самостојна политика немаме. Од надвор одлучуваат кога да правиме избори, а потоа дали се спроведени законски, ни редат Влада со коалиционен партнер, ни диктираат кој да биде министер за одбрана, кога да се менуваат незгодни министри итн.

За да бидеме протекторат има две причини. Едната е дека недостасува храброст на македонските политичари. Со децении се воспитувани да го свиткаат ’рбетот и тое им носело, и им носи бенифиции. Другата причина е поврзана со првата – недостасува слободна мисла, визија за иднината. Со други зборови, македонските политичари се истрошени, без’рбетни дури уште во почетокот на политичката кариера. Тие не се во состојба, не сакаат и, или, им е страв да ја видат севкупната вистина, вистинската слика за Македонија и глобалниот свет.

А, вистината е дека македонската држава нема место ниту во ЕУ, ниту пак во НАТО. Прво, затоа што овие организации се гробница за Македонија и Македонците. Таму можеме да влеземе само без идентитет, без македонската суштина, а истовремено ќе ја изгубиме и државата. Второ, затоа што ЕУ и НАТО се организации без иднина. Да станеш нивен член е како да влезеш во сојуз со Германија на 7 мај 1945 година.

Првото нема потреба од образложение. Ултиматумот на САД и ЕУ е едноставен. Но, без’рбетниците викаат дека ако ги одбиеме ЕУ и НАТО (всушност тие не одбиваат, а ние се додворуваме) ќе ја изгубиме државата. Тоа е можно, но мора да се потсетиме дека многу векови немавме држава ама имавме идентитет затоа што не се откажавме од него доброволно.

Објективно гледано ќе стане спротивното. Ние нема да го изгубиме ниту идентитетот ниту државата ако ги одбиеме ЕУ и НАТО. Бидејчи во недалечна иднина тие нема да постојат. Тука доаѓаме до главниот проблем кај македонските политичари, аналитичари, политиколози итн. Тој проблем е истиот како пред и во почетокот на Втората светска војна. На прсти се броеја политичари (во споредба со „обичниот“ народ) кои мислеле дека Хитлер можел да биде победен. Пред тоа и Словачка и Унгарија и Романија и Бугарија и Шведска го свиткале ’рбетот пред Германците, со надеж за ситни трошки од нивната трпеза. Кој се спротиставил на Хитлер, како на пример Тито, изгледал луд. Дури и Сталин на почетокот на војната бил уплашен и барал прекин на воените дејствија.

Денес светот е во слична состојба. Русија е опкружена од воени бази на САД и НАТО. Американците владеат со Европа и изгледаат непобедливи. Но, тоа е само навидум. Алтернативата пред денешната цивилизација е само една: или целосно ќе биде уништена, или САД и нивните сојузници ќе бидат симнати од светската сцена. Не само како политички и економски сили, туку и како држави. Која и од двете опции да се оствари Македонија нема потреба да се додворува на САД и ЕУ. Во првиот случај ќе загинеме сите, во вториот – гинат тие. Само што ако се приклучиме кон нив (недај Бог пред идната светска војна да не примат во НАТО), исто ќе одиме курбан.

Мора да има вистина во тврдењата дека Господ ги чува Македонците. Толку глупости сме направиле во време на близу тримилениумската историја, а сè уште постоиме. Толку проститолок во последниве 24 години, но пак не’ има. Не земаме поука од минатото, затоа не казнуваат, распарчуваат, асимилираат, експериментираат со секаков вид на геноцид врз нас, а пак не’ има. Господ не удира во глава да се освестиме, а ние не, та не. Како на пример со бегалската криза. Допуштивме во 1999 година 360.000 илјади косовски Албанци на своја територија а по две години тие не казнија со војна и практично со федерализација. Сега исто немаме став за емигрантите. Бугарскиот премиер Борисов изјави за скорошен бран од околу 8-10 милиони бегалци кои ќе дојдат кон Балканот. Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, си поигрува со нас ветувајќи ни 700 милијарди евра, кои подоцна се сведоа на 17 милиони евра. Од околу досегашните 500.000 емигранти, ЕУ ќе прими 120 илјади, а другите ќе ги врати на Балканот. Нашите „корисни идиоти“ не сакаат да разберат дека и албанските терористи и емигрантите од Исток се стратешко масовно оружје на САД. Со разни потфати, но со иста цел – уништување на држави преку етнички хаос. За тоа ние не можеме да бидеме ниту коридор за туркање на ова стратешко оружје, ниту камп за американските емигрантски бомби. Колку побрзо и поцврсто се оградиме од САД и нивните диверзии, толку подобра иднина ќе имаме во времето потоа без САД.

П.С.

Во своето обраќање пред Генералното Собрание на ООН Обама го надмина фалбаџискиот став на Хитлер во неговата реч од 30 јануари 1940 година: „Денес Германија е највеликата светска сила“.

Обама кажа: „Јас командувам со најмоќната армија, а позната во светската историја“.

Затоа, судбината на САД ќе биде уште пожестока од таа на „Илјадалетниот германски Рајх“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.