Протекторатна Македонија е „Врвно“ достигнување за нашите политичари

Во својата пророчка стихотворба „Тажна слика“ поетот Раде Силјан напиша:

„Во земја на мраморни глави / Поразот како победа се слави“.

По одложувњетто на закажаните со закон и со распуштање на Собранието избори за 24 април, и опозицијата и владејачката партија прогласија победи. Едните, за тоа што се остварила нивната мечта да не одат на избори, а другите – затоа што на идниот закажан датум 5 јуни, СДСМ ќе се соочел со народот и ќе изгубел. Во суштина се потврди очигледниот факт дека моментално не постои македонска држава. Не само владејачката ВМРО-ДПМНЕ туку и македонското Собрание не смее да носи одлуки (дури и за своето распуштање) без согласност на американскиот газда Бејли. Овој, црпнат од Синсинати, мачор спомна 5 јуни како „можен датум“ и нашите „дресирани мајмуни“, според Мирка Велиновска, одма скокнаа и го изгласаа. Во Собранието имаше само тројца достојни пратеници –  по еден од ГРОМ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за датумот 24 април. Тоа е доказ дека македонското национално достоинство не мора да има партиско обележје.

За жал, во Република Македонија нема политички лидери кои се спремни да го водат Македонскиот народ против окупацијата на државата од странците и од домашните предавници. Има криминалци милионери, кои повикуваат за демократија и висока егзистенција на граѓаните ограбени од нив во текот на повеќе од  две децении. Има такви кои ветуваат отворање на градинки и спортски сали во момент на уништена државност. Но, во така наречената политичка класа нема луѓе кои повикуваат за борба за:

  1. Ослободување од дитактот на САД и нивната марионета ЕУ;
  2. Ослободување од албанската територијална експанзија;
  3. Враќање на Македонскиот суверенитет и интегритет поништен со Договорите во Охрид (2001) и Пржино (2015) и со Законот за територијална поделба.

Зошто за сето тоа има молк? По две причини.

Првата е дека денешните политичари не знаат што е тоа суверена држава. Тоа не го знаеа и тие кои прогласија „слободна, суверена и независна“ Република Македонија во 1991 година. Државата беше киднапирана од луѓе без ден работно искуство и од „иветреани старци“ како велеше тогашниот претседател на „Обединети македонци“ во Канада, Драган Џолгановски. Доказ за тоа не е само ревидирањето на  Уставот по 54 денови од неговото гласање, а и целосното девалвирање на македонската државност.

Отворете го Кривичниот Законик за да видите циркузантски работи:

Кривичните дела за велепредавство и против државата наместо во почетокот, се на крајот на Законикот, казната за повреда на изборен материјал (член 164) се споредува со таа за велепредавство (член 305) т.е. 5 години. Киднапирањето на Претседателот, Премиерот, Претседателот на Собранието, на Уставниот и на Врховниот суд пак се казнуваат со затвор „најмалку три години“ (член 310). Во тој Законик нема хиерархија на вредностите нема почит ниту кон државата ниту кон нејзините органи. Друго е прашањето дека и тие минимални и хаотични казни не се користат. Според член 308 на пример „Граѓанин на Република Македонија кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор најмалку 5 години“. Ако таа одредба се почитува, во нашата држава нема да останат неказнети политичари и пратеници (со некои исклучоци).

Втората причина за тоа дека од 1991 година до денес не изградивме држава, е стравот на политичарите, нивните комплекси. Зошто тие немаат страв да крадат, а имаат страв да управуваат СУВЕРЕНО? Затоа што за кражби, за корупција, за криминал никој од нив не оди во затвор. За 25 години дојдоа разни партиски Влади, но уапсени и затворени функционери, министри, пратеници нема. Во печатените и електронските медиуми секојдневно се пишува и зборува за голем криминал, но во затвор одат тие кои ќе украдат леб или јајце. Со управувањето на државата работите се други – од надвор (САД, ЕУ, Македонските соседи) и од внатре (албанскиот тероризам) сакаат да не унуштат. Така што државните функционери за да го одбранат суверенитетот мораат да носат во својот џеб не оставки туку лични завештанија. Само што никој не сака да се жртвува физички независно дека и премогу свиткана „кичма“ не гарантира живот (Претседателот Трајковски). Истовремено никој не ја пушта фотелјата наводно во име на народот.

Плачливоста се пропагира како храброст и мудрост. Ако Македонците од времето на ајдучкото движење, илинденците, антифашистите беа како денешните политичари, во Македонија не мораше да има ниту еден споменик на херој. Ако на пример Питу Гули беше ја прифатил одлуката на востаничкиот Штаб во Крушево за повлекување, немаше да го имаме „Мечкин Камен“, каде секоја година државните фукционери држат храбри предавања. „Да загинеме до еден, но да загинеме на својот пост – нема ли слобода, има смрт!“ – викал Питу.

И загинал затоа што не бил политичар кој секојдневно го менува својот став и не му е гајле за народот и државата.

А, инаку, минимални се шансите за избори на 5 јуни. Пак, по две причини.

Правата е дека СДСМ ќе излезе на избори само тогаш кога ќе и биде дадена победата. Истовремено ДУИ и ДПА како се виде, се марионети на Бејли кој бара уривањето на Македонската држава.

Втората е дека владејачката партија нема храброст да се спротивстави на коалицијата против Македонија. Ветувањата за 5 јуни ја имаат истата вредност како за 24 април. Ако еднаш попуштиш, ќе попушташ додека те уништат. А ВМРО-ДПМНЕ од изборите од 2014 до сега попушти безброј пати. Ако така продолжи ќе дојде време кога македонските гласачи ќе ја изедначат опозицијата со владејачката партија како лажни опции. Затоа што за патриотизам не треба да се зборува туку да се докажува.

Практично ние денес немаме своја ниту надворешна ниту внатрешна политика. Заглавивме со вештачката политичка криза, заглавивме со имигрантите, Албанците ги шират секојднево своите претензии. Албански знамиња, споменици на терористи, орли и имиња на училишта, никнат како габи и во одговор следува „патриотско“ без дејство. Претседателот на Македонската партија во Албанија беше брутално уапсен во „суверена“ Македонија, Претседателот на Светскиот македонски конгрес беше ѕверски претепан во центарот на Скопје. Следуваа протести од владејачката партија како да е во опозиција. Замислете што ќе биде ако ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција. Тогаш ќе дојдеме до состојба како во Чиле во 1973 г. Тепачите на Тодор Петров – Бекир Асани кој што е висок функционер од ДУИ и неговата банда слободно шетаат низ главниот град, Изет Меџити – градоначалник на Општина Чаир сето тоа го гледал со задоволство, шефот на Кабинетот на Ахмети, Артан Груби се подбива дека Петров се сопнал и сам си ја удрил главата, пратеничката Ермира Мехмети се заканува. А што прави Премиерот Димитриев, Владата, заменикот на Шефот на МВР? Излегува дека службениот МВР-шеф од СДСМ може да работи протв државата, а службениот Премиер од ВМРО-ДПМНЕ неможе да стави ред во таа држава.

Мора сите да ја видиме состојбата таква каква е: непостои ниту владејачка партија, ниту Влада. Затоа во идните денови и месеци ќе биде се покритично и тоа ќе биде поврзано како со имигрантските бранови кои ќе не поплават и за кои што немаме единствен и цврст став, така и со се подлабоката политичка криза. Знак за тоа е и доаѓањето на Заменик државниот секретар на САД – Хојт Ли за да активира нелигитимното Јавно обвинителство. Се враќа и туристот мачор Ван Хут кој ВМРО-ДПМНЕ го објави за непожелен. И во едниот и во другиот случај може да очекуваме симнати гаќи пак во име на Македонскиот народ – „суверен“. Ете зашто беа потребни избори на 24 април, а многу подобро ќе бидеше ако вештачката криза беше средена пред една ипол година. Само што нема кој да се нафати за таа ризична работа.

По одложувањето на изборите антидржавните елементи ликуваа: „Веќе ништо не зависи од Груевски“. Изгледа се во право иако тој самиот се доведе во таква ситуација. Но само делумно се во право. Македонскиот народ во целата своја историја раѓал храбри луѓе затоа и опстојува близу три милениума. Борбата за иднината на македонскиот нарот и држава не е завршена. Завршува само преодниот вештачки период во македонската политика. Следува расчистување.