Специјален

Имавме една бурна, монтипајтоновска недела зад нас. Специјална недела.

Не е само заради специјалниот обвинител, има и многу друго.

Бегалците и понатаму се топ тема. Ние сме им нешто како калдрма до германскиот двор на кој му се намерачиле. И, види богати, не сакаат да одат никаде освен во Германија, таму ќе ја нашле својата слобода.

И, филмски, одеднаш Си-Ен-Ен, Би-Би-Си… суријата американски невладини организации низ Европа, преку ноќ и како под команда, по три години бегалска криза одеднаш во бегалците препознаа маченици, жртви на режимите, несреќни судбини… на кои треба ширум да им се отворат вратите, особено во Германија, Австрија и Франција.

Вратите на нивните богати комшии во Кувајт, Катар и Саудиска Арабија остануваат затворени. Како што им се затворени портите на Америка и Британија кои ги бомбардираа Либија, Иран и Сирија, и ја создадоа колоната од најмалку пет милиони бегалци.

Според историските искуства, се случува отворена кампања за исламизација на централна Европа, и растурање на некогаш најстабилните арапски општества во Сирија и Либија. Зошто тоа се случува – ќе видиме наскоро, иако многу што се гледа и уште сега.

Самиот факт дека глобалните манипултори како Си-Ен-Ен, Би-Би-Си и сродните им наменски невладини организации под команда, по старата добра школа видена на Косово, одеднаш ги наполнија вестите со ликови на расплакани деца, тажни судбини, очајни приказни за суровите режими во Либија и Сирија… како до вчера да ги немаше сите тие луѓе иако изминативе три години веќе пет милиони бегалци има од тие држави… покажува дека целиот тој процес се командува од едно место, и има своја позната пропагандна машина која одработува процесот да се заврши и спроведе.

Секоја судбина на луѓе во војни е очајна и тажна. Секому треба да се помогне тоа да го надмине. Но, одговорноста за војните и бегалците има и адреса: Вашингтон, Лондон, Париз и ИСИС. Плус, соработниците од Катар и Саудиска Арабија. Тие треба да ја платат и највисоката цена за последиците, за бегалците, а не ја плаќаат воопшто. Напротив, ја собираат нафтата од Либија, Ирак и Сирија, и се богатат.

А пропагандата? Тотална.

Светот го сврте слика на тригодишно дете од Сирија, удавено, кое морето го исфрлило на брегот. Сликата морбидна, но за пропагндната машина употреблива.

Ај што надвор од сите професионални и хумани стандарди таа слика се објавуваше како да се работи за филм, а не за удавено дете, во коментарите се обвинуваа сите кои не ги примаат и не им помагаат на бегалците. А тие не доаѓаат од лево-десно, туку од Грција, преку Македонија и Србија, па Унгарија – се до Германија, која треба да прими еден милион бегалци.

Небаре ние спомнатите ги бомбардиравме и уништивме Либија, Ирак, Сирија, Авганистан… Но, откако сликата заврши со пропаганда, се појавија сведоците од чамецот кој потонал заедно со детето. Сведоците кажаа дека е тоа син на шверцер со луѓе кој земал пари илегално да ги превезе мигрантите од Сирија во Грција, и како доказ дека чамецот кој бил претоварен е сигурен, во него ги ставил и своите две деца. За гаранција.

Приказна втора. Медиумските манипулатори тврдат дека тие луѓе бегаат од ИСИС. Дека исламистите ги убиваат, а народот не ги сака црните исламски знамиња.

Но, кога пред некој ден се случи тепачка помеѓу бегалците од Сирија и Ирак со полицијата во Германија, дваесетина од бегалците од своите ранци извадија црни знамиња од ИСИС и гордо, заканувачки мавтаа среде Берлин со нив.

Требаше ли и ние да дигнеме ѕид и да се заштитиме од морето бегалци кои влегоа, околу 400.000 на број, што е петина од бројот на жители во Македонија. Не.

Ако дигаме, за разлика од Унгарија, ние со стил ќе креневме антички ѕид. Да се знае и светот да види. Особено Хан, кој ги посети бегалците дури откако заминаа.

Се е пропаганда. Само она што лично можеш да го видиш и провериш вреди внимание. Запамти го тоа, особено кога се работи за политиката.

Како што се пропаганда и бомбите на Заев. Сега, откако оствари дел од своите намери, а пред се да се запрат судските постапки против него, особено притвор за криминалот… Заев и самиот го призна тоа. Лично, со своја изјава на телевизија.

Имавме самостојна држава, едвај некако застанавме на нозе и почнаа вработувања, субвенции, изградба на школи, болници и патишта кога СДСМ за свои потреби реши сето тоа да го доведе во прашање, и да ја стави Македонија под протекторат.

Му дадоа на Заев снимки од туѓи приватни разговори, да ги објави иако тоа никој во светот претходно не го направил, убедувајќи го дека ќе ја урне власта, а ќе запрат и судските постапки против нив што за Заев, Шекеринска и оној Шилегов беше магнет.

Дел од тоа успеа. Шекеринска не е гонета за дубарата за договорот со Мајкрософт, поштедена е од истрагата за вмешаност во аферата Телеком, никој не ја гони за перење пари со лажната кирија за сопствени станови платена сам на себе…

Заев, еднаш веќе амнестиран, нема да биде суден за поткуп од 200.000 евра, ниту пак ќе му се суди саглам за аферата со криминалот околу телефонските разговори.

Шилегов се амнестира уште во старт. Од потекло на имот, па понатаму.

Но, владата не падна. Напротив. Рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ сега е еднаков од времето пред бомбите на Заев. СДСМ, како партија, не доби сатисфакција, и излегува дека сето било само за ќар на Заев, Шекеринска и Шилегов.

Соросоидите поминаа најлошо. Се навлекоа, и водени од својата бескрајна алчност за пари и власт без избори, излегоа од дупките како кртови од рововите, и настрадаа.

Последна шанса им беше да им се даде функцијата на специјален обвинител.

Пишував многу за таа спрега соросоиди – СДСМ – дипломати, и подземната политика која ја водат.

Некој верувал, некој не, но настаните од минатата недела ме потврдија до последна точка. Па и повеќе од тоа. Дури и јас бев изненаден од дрскоста.

По изборот на судијката Јанева за специјален обвинител, прв се појави соросоидот, професорот Гордан Калајџиев. Да не веруваш колку е навлечен на власт и пари.

Тоа е бомба. Калаџиев во ТВ интервју тврди дека Заев му ветил место јавен обвинител на него! Иако е тоа место е предмет на договарање со ВМРО-ДПМНЕ и дипломатите, Заев ладно му го ветил на Калајџиев, и го заебал.

Пошто, нели, Заев е човек од збор, Калајџиев му верувал, па според негово лично кажување, купил пар одела да го личи на новата функција, и водел разговори со дури седумдесет (!) луѓе за да избере заменици или помошници меѓу нив. Блам.

Согласно командната функција на соросидите врз СДСМ, Калајџиев во тоа интервју тврди и дека Заев морал да му го каже списокот на предлози за специјален обвинител пред да оди на договарање, и во списокот ја немало судијката Јанева, која е избрана.

Со други зборови, Заев си дозволил нешто да направи сам, без соросоидите.

– Сега СДСМ сигурно ги губи наредните избори, изјави Калајџиев, да ме избраа мене, јас ќе обезбедев победа за СДСМ! Опа, еве го клучот на се!

Значи бомбите, демонстрациите, провокациите… и специјалниот обвинител биле да се обезбеди преку ред, и преку ноќ, победа на СДСМ на избори, а не владеење на закон.

Попрецизна потврда за ова даде еден друг кандидат на сороидите и СДСМ за обвинител, адвокатот Тортевски, кој здраво ја исплука избраната судијка Јанева и рече да го избрале него, уште денес ќе го замрзнел имотот на 35 луѓе и 50 фирми… секако, плус апсења на сите 120 кандидати за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, и педесетина други од раководството на партијата и нивни поддржувачи.

Види, бе брат, па така и баба ми знае. Така и Силекс ќе ја тепа Барселона. Донеси ја овде, поапси им 15 играчи од 18 вкупно на аеродром, и после – играј на победа.

А зошто да ги апсиш… и не е битно. Ќе видиме после, по победата.

Дека СДСМ ги губи наредните избори, како капак, дојде и изјавата на нивната омилена соговорничка од екраните, ТВ водителката Оливера Трајковска.

Таа ладно, пред камери, му соопшти на Заев што разговарала со нејзината другачка Шекеринска: – Радо, зарем ти ќе се заземеш, и ќе го правиш претседател на партија оној сељакон од Струмица… и кажала на Шекеринска кумановката Оливера Трајковска.

Да беа СДСМ и Заев блиску до власт, Оливера Трајковска ни на сон немаше у фаца да му збрчи дека го третира за струмички сељак со трикови наметнат за шеф на СДСМ.

По ова, кога е јасно дека никој веќе нема ни страв ни респект кон Заев, Шекеринска и СДСМ останува само да ги почекаме изборите. И следниот претседател на партијата.

Инаку, оваа изјава на Оливера Трајковска е дел од архивата снимени разговори кои ги имаат СДСМ и Заев. А ние никогаш, до овој ден, не ја слушнавме.

Кој знае што се има во тие разговори за луѓето од СДСМ, а ги кријат од нас.

Работа на специјалната е да го открие тоа, и да ја чуеме вистината. Цела.