Комеморација за убиениот руски амбасадор, Путин положи венец

Во Москва денеска почна церемонијата за збогување со рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов, кој беше убиен во Анкара на 19 декември, а се одржува во холот во главната зграда на Министерството за надворешни работи, каде се наоѓа ковчегот со неговите посмртни останки.

Од амбасадорот, чиј ковчег е опкружен со припадници на почесната гарда, најпрво се простија членовите на неговото семејство и персоналот на Министерството за надворешни работи.

На комеморацијата присуствуваа рускиот претдседател Владимир Путин, премиерот Дмитриј Медведев, шефот на дипломатијата Сергеј Лавров, како и политичката елита на Русија.

Путин му оддаде почит на трагично убиениот амбасадор на Русија и положи венец пред неговиот ковчег.

– Карлов е жртва на кукавички терористички акт и е убиен за време на извршување на должноста, рече Лавров на комеморацијата во присуство на семејството на амбасадорот.

Врховниот поглавар на Руската православна црква, патријархот москосвки и серуски, Кирил во храмот на „Христос Спасителот“ ја предводеше литургијата во пресрет на погребот, кој ќе биде одржан подоцна денеска.

Рускиот амбасадор во Анкара, Андреј Карлов (62) е убиен во понеделникот вечерта од турскиот полицаец 22-годишниот Мевлут Мерт Алтинташ, кој не бил на должност и кој пред злосторството извикал „Алах акбар“ и „Не го заборавајте Алепо, не ја забаровајте Сирија“.