Комесарот Хан следниот месец во прва официјална посета на Македонија

Комесарот за соседство и преговори за проширување, Јоханес Хан, на 19-ти и 20-ти идниот месец ќе претстојува во прва официјална посета на Република Македонија, откако го наследи Штефан Филе во ресорот, јави МИА.
Според неговата најава по средбата со македонскиот вицепремиер Фатмир Бесими, дека на почетокот на годинава ќе ја посети Македонија, од канцеларијата на Хан, денеска за МИА потврдија дека првиот човек за проширување на Унијата ќе претстојува два дена во Скопје.
– Можам да ја потврдам оваа посета на комесарот Хан. Но, за агендата при неговата дводневна посета на Македонија, засега не можеме повеќе да говориме, освен дека тој ќе се сретне со политичките лидери на земјата, да се запознае со оние со кои се уште не се сретнал, да дискутира за политичкиот развој, клучните приоритети и за продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД). Датумот за нов почеток на ХЛАД-от, засега не е потврден и ќе треба да се договори со македонските власти при оваа негова посета на Скопје, истакна портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, во изјава за МИА.
Како што е познато, јавен став на комесарот Хан и на Еврокомисијата е дека сакаат во Македонија да ја видат опозицијата назад во Парламентот, посебно по успешното ставање во целосна функционалност на албанскиот Парламент. Една од задачите на еврокомесарот при посетата на нашата змеја ќе биде да ја убеди опозициската СДСМ да се врати во Собранието, со што нема да им штети на евроинтеграциите на земјата, како и да ги почитува институциите на државата, посебно што Парламентот е единствнео место за политичка дебата и дискусија. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.