Коми нема да сведочи пред Сенатот, Трамп го предупредува да не се појавува во медиумите

© AP Photo / J. Scott Applewhite, File

Сменетиот директор на американското Федерално биро за истраги (FBI), Џејмс Коми, нема следната седмица да се појави пред разузнавачката комисија на Сенатот за да одговара на прашањата за наводните врски меѓу соработниците на претседателот Доналд Трамп во предизборната кампања и Русија, потврдија сенаторите, а Трамп го предупреди да не се појавува во медиумите, сугерирајќи дека можеби постојат снимки од нивните разговори кои може да му наштетат.

Сенатскиот Комитет за разузнавачки дејности бараше приватно да разговара со Џејмс Коми, откако претходно седмицава претседателот Доналд Трамп ненајавено го смени од челната позиција на Федералното биро за истраги (FBI).

„Комитетот дозна дека поранешниот директор на FBI, Џејмс Коми, нема да излезе пред членовите во вторникот попладне како што беше барано. Комитет ќе ја продолжи работата со директорот Коми за тој да излезе пред комисијата кога тоа распоредот ќе го дозволи“, соопшти портпаролката на Марк Воренр, водечки член на Демократската партија во овој комитет.

Претходно на Twitter, Трамп напиша дека „На Џејмс Коми би му било подобро да се надева оти не постојат снимки од нашите разговори пред да проговори за медиумите“.

Во написот којшто го додава на обвинувањата од критичарите дека Трамп ги пречекорил нормите на должноста што извршува, весникот The New York Times објави дека претседателот во јануари барал од Коми да му искаже лојалност, барање кое се оценува во спротивност со улогата на FBI како независна агенција за спроведување на законот.,

Американскиот медиуми оценуваат дека Трамо на Twitter сугерирал дека доколку Коми излезе во јавноста со својата верзија од разговорите, администрацијата би можела да објави снимка од тие состаноци, иако засега не е сигурно дали тие постојат. Меѓутоа, и во писмото коешто Трамп му го упати на Кому известувајќи го за неговата смена, беше наведено дека досегашниот директор на FBI во три наврата го уверувал претседателот дека против него не се водат истраги.

Трамп во вторникот, по сугестија на државниот обвинител Сешнс и неговиот заменик Род Розенстајн, ненадејно го смени Коми, кој ги водеше истрагите за наводното мешање на Русија во американскиот изборен систем на претседателските избори во 2016 година, за можните врски на соработниците на Трамп со Москва.

Но Коми, исто така, ја водеше и истрагата за можната злоупотреба на официјалната преписка и доверливите документи којашто спротивно на законите преку приватни сервери и приватна електронска пошта ги водеше ривалката на Трамп, демократската кандидатка Хилари Клинтон, во периодот од 2009 до 2013 година, кога беше државна секретарка на САД. Таа истрага беше затворена без подигнување обвинение, по сугестија на претходниот државен обвинител.

Демократите по смената на Коми побараа именување на специјален обвинител за истрагата за наводното руско мешање во изборите, бидејќи образложија дека јавноста може „оправдано да се сомнева“ дека ненадејната смена на Коми е обид а се прикрие вистината.

Белата куќа негира дека Трамп имал политички мотиви за смената на Коми, и упатуваат на препораката од Розенстајн, обвинител од кариер, обвинител од кариера кој должноста ја презема на 25 април, дека по процените на состојбите во FBI „не може да го брани начинот на кој директорот ја водел истрагата на електронската пошта на Хилари Клинтон“, како и дека не го разбира неговото одбивање да ја прифати „речиси едногласната одлука дека згрешил“.