Комисија за заразни болести: Листерија утврдена кај уште еден примерок од вакумиран свински врат

Комисијата за заразни болести од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Факултетот за ветеринарна медицина е информирана дека листерија е утврдена кај уште еден примерок од вакумиран свински врат произведен од Екстра-меин Куманово (лот 071760028, пакуван на 10.07.2014). Примерокот од свински врат е донесен на испитување за присуство на листерија од инспектори од Агенцијата, а земен од приватно лице кое претходно го отворило производот и го конзумирало.

Ова попладнево го соопшти Министерството за здравство по состанокот на Комисијата за заразни болести на кој била разгледана фактичката состојба и досега преземените активности поврзани со случаите на лица заболени од листерија.

Од тие причини, како што наведуваат, од лицето била побарана своерачно потпишана изјава со која лицето бара да се испита примерокот од свински врат поради извршеното конзумирање, и истата, заедно со лабораторискиот наод е доставена до Основното јавно обвинителство – Скопје, во прилог на претходно доставената документација за поведената кривична пријава против непознат сторител.

– Досега е извршена анализа на околу 900 мостри, од кои во 40 случаи е докажана листерија, кај производи кои се предмет на натамошна термичка обработка. На најголем дел од нив е извршена генотипизација, при што докажани се генотипови кои не се исти со оние кои беа причинители на листериоза кај луѓето, освен во една мостра од вакумиран сечкан свински врат, произведен од Екстра-меин од Куманово, каде е докажана листерија и каде извршената генотипизација покажува 98 отсто идентичност со генотипот на листеријата која предизвика заболување кај луѓето, стои во соопштението.

Од Институтот за микробиологија и паразитологија при Медицински факултет – Скопје, посочиле дека станува збор за исклучително вирулентен сој на бактеријата листериа моноцитогенес, што значи дека има потенцијал лесно да предизвика болест.

Од Министерството посочуваат дека Агенцијата за храна и ветеринарство информирала дека почнувајќи од 29 јули воведено е задолжително испитување на секој лот од месни и млечни производи, произведени од овој датум. Исто така, било посочено дека за сите позитивни мостри се води соодветната постапка и сите се доставуваат на типизација во Институтот за ветеринарна медицина.

Комисијата за заразни болести донела заклучок дека во интерес на постапката, до Основното јавно обвинителство ќе бидат доставени и изјави од Институтот за јавно здравје – Скопје, Центарот за јавно здравје – Велес, Институтот по микробиологија и паразитологија – Скопје, како и изјавата на Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, во врска со која ќе биде побарано да се испитаат наведените искази од Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина.

Комисијата констатира дека континуирано се вршат увиди од страна на инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и претставници од Центрите за јавно здравје, во производствени погони од месни индустрии, млечни индустрии, се земаат мостри за лабораториска анализа од производство и промет, со цел утврдување на безбедноста на прехранбените производи. Сите потребни документи и резултати од извршени анализи редовно се доставуваат до Основното јавно обвинителство – Скопје, стои во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.