Комисијата го прифати законот за алтернативна медицина

Собраниската Комисија за здравство денеска констатира дека Предлог – законот за комплементарна и алтернативна медицина е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски во образложението рече дека станува збор за прашања кои досега не биле регулирани со некое законско решение, подолго време го правеле Предлог-законот и оти консултирани се и се усогласени со сите репрезентативни здруженија од оваа област, пренесува МИА.

– Станува збор за Предлог – законот за комплементарна и алтернативна медицина која опфаќа повеќе постапки, методи за дијагостика, лекување, рехабилитација кои благотворно делуваат и би можеле благотворно да делуваат на човековото здравје кои согласно медицинската доктрина не се опфатени во здравствените услуги согласно медицината заснована на докази, истакна Андовски.

Укажа дека целта е да се идентификуваат и дефинираат дисциплините на комплементарна и алтернативна медицина кои ќе бидат дел од здравствениот систем на Република Македонија, да се утврдат условите под кои тие ќе можат да бидат практикувани, видот и степенот на стручната подготовка односно да се утврдат образованието и квалификациите кои лицето кое сака да практикува некоја од дисциплините на комплементарна и алтернативна медицина треба да ги поседува.

Меѓу другото, целта е да се создаде механизам што ќе овозможи пациентот да биде заштитен од неквалификувани поединци, да му се гарантира максимум безбеден третман, како и да му се овозможи на пациентот да го оствари правото да избере третман врз основа на точни информации, да се утврди дали лицата кои сакаат да практикуваат некоја од дисциплините на комплементарна и алтернативна медицина треба да членуваат во некоја професионална организација или комора и да бидат обврзани на континуирана едукација итн.

– Овие решенија се темелат на компаративни анализи за правниот статус и начинот на регулирање на комплементарната и алтернативната медицина во Европа како и во други држави надвор од Европа, користена е богата литература за сите аспекти на различните форми на комплементарна и алтернативна медицина и е земена предвид ситуацијата во Република Македонија со користење на неколку вида комплементарна и алтернативна медицина, рече Андовски.

Со овој закон, нагласи, се уредуваат прашањата кои се однесуваат на системот, организацијата и примената на методите и постапките на комплементарната и алтернативната медицина, лицата и установите кои применуваат методи и постапки на комплементарна и алтернативна медицина, Центарот за традиционална кинеска медицина, квалитетот на методите и постапките на комплементарната и алтернативната медицина, Комората за комплементарна и алтернативна медицина, лиценцата за работа и стручниот надзор над работата на практичарите на комплементарна и алтернативна медицина.

– Овој закон ја воспоставува рамката за професионално применување на комплементарната и алтернативната медицина и се однесува на сите кои применуваат методи и постапки на оваа медицина опфатени со овој закон, додаде Андовски.

Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ смета оти станува збор за позитивно законско решение кое по долго време ќе ги стави во рамки сите квалификувани и неквалификувани корисници на овие можни алтернативни здравствени решенија. Посочи дека комплементарна и алтернативна медицина методите и постапките можат да се применуваат како методи и постапки на дијагностика и лечење и методи и постапки на рехабилитација.

Методи и постапки на дијагностика и лечење, особено се: традиционална кинеска медицина, хомеопатија, традиционална индиска медицина-Ајурведа, фитотерапија, квантна медицина и сродни техники, киропрактика и примената кинезиологија. Методи и постапки на рехабилитација особено се: апитерапија, арома-терапија, духовна енергетска медицина, енергетска терапија-Реики, детекција на штетни зрачења, јога вежби, семеен распоред (Фенг Шуи), макробиотика, традиционална домашна медицина.

Комисијата за здравство го прифати и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита.