Комисијата одобри да им се одземе имунитетот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Комисијата за мандатно имунитетни прашања со поединечно гласање за секој од шесте пратеници, со пет гласа за и без ниеден против го одобри барањето за притвор.

За Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Жаклина Пешевска, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, судија на претходна постапка побара симнување на нивниот пратенички имунитет заради одредување на мерка притвор како осомничени за време на насилните протести на 27-ми април.

Претседателот на комисијата, пратеникот Павле Богоевски, ја отвори седницата, а во салата не дојдоа пратениците членови од ВМРО-ДПМНЕ. Богоевски констатираше дека има кворум. Во салата во Собранието не беа ниту пратениците кои се тема на дискусија, односно за кои се одлучуваше дали ќе им биде одземен имунитетот.

За барањето за одземање на имунитетот гласаа Павле Богоевски претседател, Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири.

Според Деловникот на Собранието, откако ќе заврши комисиската расправа, за конечната одлука ќе одлучува парламентот на пленарна седница.

Рокот за одлучување од 48 часа истекува вечерва, а потоа во рок од три дена треба да се закаже и пленарна седница на која за одземање на имунитетот на пратеник е потребно просто мнозинство односно 61 глас

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.