Комисијата за медиуми ќе расправа за изборот на Хазири

Привремената Комисија за Следење на Медиумското Претставување денеска во 12 часот ќе одржи состанок на кој треба да решава за избор на петтиот член.

Согласно политичкиот договор постигнат во средата вечер, за петти член е предложено да биде именуван Љуљзим Хазири, НВО активист, универзитетски професор и поранешен дописник на МРТ од Гостивар. Петтиот член, кој согласно договорот треба да биде етнички Албанец, се избира со консензус на четворицата актуелни членови, од кои двајца се именувани од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а двајца на СДСМ. Изборот на Хазири беше постигнат по одделните разговори на СДСМ, ДУИ и ДПА во Клубот на Пратениците.

Согласно политичкиот договор, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во која ќе функционира Привремената комисија, се повикува во својата работа да се наврати на претходната методологија, која беше на сила во откажаните изборни циклуси порано годинава. Партиите и телевизиите ја оспорија методологијата според која ќе се врши набљудувањето, при што СДСМ инсистираше дека таа ќе им остави премногу слобода на медиумите, додека асоцијацијата на водечките телевизии ММА протестираше против одредбите кои може да доведат до казни за уредувачката политика.