Комисијата за надзор на безбедносните служби три дена го чешлаа УБК

Претседателот и членовите на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, од 12 до 14 јуни спроведоа надзорна посета во седиштето на Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи.

По заеднички договорениот формат за начинот на кој ќе се одвива надзорната посета, беше презентирана поставеноста на Управата во безбедносниот систем на Република Македонија, организационата структура, надлежноста и безбедносните приоритети на Управата и беше даден детален приказ на финансиските трошоци кои во периодот од јануари 2018 до сега Управата ги има реализирано во рамки на годишно утврдениот буџет за 2018 година. Заедничка беше констатацијата дека потребно е зголемување на буџетот на Управата, при што од страна на претседателот на Комисијата беше потенцирано дека во таа насока ќе биде дадена целосна поддршка, пишува соопштението од Собранието.

Во текот на вториот ден од надзорната посета, присутните беа запознаени со раководната структура на УБК до нивото на помошници директори, им беа презентирани надлежностите и кадровската екипираност на секоја организациска единица поединечно, како и методите и формите на оперативното работење на Управата согласно актуелните безбедносни предизвици.

Третиот ден од надзорната посета го опфати сегментот на надлежноста на Одделот за оперативна техника, актуелните технички капацитети за следење на комуникациите, воспоставените внатрешни процедури за постапување по судска наредба за спроведување на посебната истражна мерка следење на комуникациите за потреби за кривични истраги и за потреби за безбедноста и одбраната, како и мерките и активностите кои Управата ги превзема во насока на зајакнување на внатрешната контрола врз системот за следење на комуникациите.

Претседателот и членовите на Комисијата остварија посета и во просториите на Одделот за оперативна техника. Заеднички беше заклучокот дека до влегување во сила на новиот Закон за следење на комуникацииите, потребно е правно регулирање на делот кој се однесува на надзор во наредбите за примена на посебните истражни мерки, со цел Комисијата да може да остварува ефикасен надзор.Претседателот и членовите на Комисијата, како и претставниците на Управата, ја поздравија ваквата надзорна посета и се согласија дека од заеднички интерес е овие посети во иднина да бидат со поголема динамика со цел зголемувањето на взаемната доверба, со што Комисијата како коректив во делот на законското спроведување и примената на овластувањата и должностите на Управата ќе може ефикасно да ја остварува својата функција, велат од Собранието.