Комитет за туризам: Туристички развој на националните паркови и модернизација на автокамповите

Во Владата вчера се одржа редовната седница на Комитетот за туризам со која претседаваше премиерот Никола Груевски.

На седницата се разгледуваше напредокот на повеќе тековни проекти кои Владата ги реализира на полето на туризмот, а чија цел е унапредување на условите за развој на туризмот во поедини региони од земјата, обезбедување на подобра туристичка понуда на ниво на целата држава, модернизација на туристичките капацитети и обезбедување на услови за развој на нови туристички содржини.

Се разгледуваа акциските планови за развој на туризмот во националните паркови Галичица, Маврово и Пелистер. Во рамките на развојниот план за националниот парк Галичица беше дискутирано за можностите за унапредување на условите за летен и зимски туризам на овој простор и плановите за инвестиции во туристичката инфраструктура на овој потег, со цел креација на туристичка содржина која ќе ги обединува потенцијалите на охридското и преспанското подрачје.

Во акцискиот план за туристички развој на националниот парк Маврово беа анализирани можностите за предвидување на поголем број на нови локации за туристички сместувачки локалитети и капацитети од класичен и алтернативен тип, можностите за инвестиции во хотели и мотели, како и за предвидување на нови содржини и туристичка понуда кои би обезбедиле развој на детскиот туризам, медицинскиот туризам, спортскиот туризам и туризмот за повозрасна категорија на граѓани. Во однос на националниот парк Пелистер стана збор за подобрување на инфраструктурата од интерес за туризмот во овој парк, но и за модернизација на туристичката понуда преку изградба на нови основни и помошни објекти за развој на туризмот во овој предел.

Посебен акцент беше ставен на разгледувањето на извештајот за состојбата на автокамповите на крајбрежјето на Охридското Езеро, кој содржи и предлози и експертиза за понатамошен развој и модернизација на камповите. Беше презентиран целосен и сеопфатен извештај од страна на стручната работна група за состојбата на секој автокамп поединечно, задоволувањето на стандардите од областа на туризмот во рамките на секој камп, можностите за развој на камповите.

Притоа, од страна на стручната група во која партиципираат и странски експерти со меѓународно искуство во извештајот се содржат и препораки и правци за развој на секој од камповите во насока на обезбедување на полна стандардизација, но и на можности за предвидување на нови содржини во рамките на секој камп кои обезбедуваат подобра туристичка понуда, и предвидување на нови сместувачки капацитети во рамките на поедини автокампови. Исто така, во извештајот се содржат и препораки за специјализирање на поедини кампови за специфичен вид на туризам, со конкретни предлози за инфраструктурно уредување на истите кампови, воспоставување на нови содржини во нив и промоција на новите можности.

Беше разговарано и за повеќе други тековни проекти и нивниот прогрес како што се процесот на развој на ловниот туризам, лобирањето за привлекување на нови странски туристи од нови пазари преку државните субвенции за привлекување на странски туристи, можностите за промоција на Македонија на светските туристички настани и повеќе други теми.

За сите овие придвижувања во спроведувањето на тековните проектите кои беа тема на дневен ред на седницата, во соодветна процедура и врз основа на препораките на Комитетот за туризам ќе расправа и Економскиот совет на Владата и Владата на Република Македонија на седница.