Комитетот за безбедно мајчинство ќе се бори против смртноста на бебињата

Ана Данева Маркова, од Клиниката за гинекологија, е претседател на новиот состав на Комитетот за безбедно мајчинство, кој денес ја одржа конститутивната седница. Комитетот е составен од лекари со долгогодишно искуство во гинекологија, акушерство, неонатологија и педијатрија.

Министерството за здравство информираше дека една од првите задачи на Комитетот е да направи анализа на актуелната состојба и подготви акциски план со краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија.

Комитетот кој претставува консултативно тело на министерот за здравство, во наредниот период интензивно ќе работи, за побрзо и поефикасно да даде препораки и предлози за унапредување на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на намалување на новороденечка смртност“, велат од Министерството за здравство.

Венко Филипче, министер за здравство, вели дека дава силна поддршка на работата на Комитетот за безбедно мајчинство и дека очекува добра соработка за да донесат заеднички предлози, одлуки, заклучоци, со кои ќе се намали смртноста кај бебињата.

Во новиот состав на Комитетот e и д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести, а ова советодавно тело има околу 15 членови.

Комитетот беше формиран во 2010 година, откако за неколку недели починаа неколку родилки и новороденчиња. Тој требаше да даде препораки како да се подобрат санитарно -хигиенските услови во родилиштата, да се обезбедат подобри услови за работа, да се набави нова опрема и да се обезбеди доволно кадар.

Лекари од Клиниката за гинекологија велат дека ова советодавно тело, по почетната добра работа, потоа со години наназад воопшто не работело, и дека иако формално постоело, одамна не се состанало.