Македонија

Комората на вештаци на Република Македонија спроведе обука од областа на економијата

Комората на вештаци на Република Македонија спроведе обука од областа на економијата

Комората на вештаци на Република Македонија денеска ја спроведува втората обука, овој пат од областа на материјалното, сметководствено и финансиско работење.

Обука од областа на економијата e во организација на Службата за заеднички и општи работи на Владата на Република Македонија и Комората на вештаци.

-Комората за вештаци има  законска обврска и основна задача и е да спроведува континуирани обуки, а истовремено и вештаците имаат обврска тие обуки редовно да ги посетуваат, со цел за поефикасно вршење на сите вештачења. Целта на обуката е да се стекнат со нови знаења и со нови методи, подвлече претседателот на Комората за вештаци Д-р Васе Доневски.

Вештакот, појасни Доневски, е должен континуирано стручно да се усовршува, да биде во тек со научните достигнувања и методи во струката и да учествува на советувања, обуки и други форми на едукација во држава.

Комората на вештаци на Македонија брои 960 членови, а од областа на економијата има 237 членови.

-Овие обуки ги спроведуваме од сопствени средства на Комората. Котизацијата е симболична сума од 150 денари и учесниците на крајот на обуката ќе добијат потврда дека ја посетиле обуката, додаде Доневски.

Целта ни е парите, појасни тој, што вештаците ги даваат од нив да одат за нив, значи без да имаме некаков интерес, профит итн.

-Се надеваме дека додека ни трае мандатот ќе направиме уште две обуки. Во мај ќе имаме обука која ќе ја организираме заедно со Бирото за судски вештачења. Овие обуки се општи, а понатаму ќе одиме со потесни специјалности. Ќе бидат опфатени сите области, ќе има вештаци од сите дејности – машинство, сообраќај, земјоделство, психијатрија, геодезија, градежништво итн., истакна Доневски.

Секретарот на Министерството за правда, Илија Ристевски рече дека Министерството, иако е овластен носител на Законот за вештачење и задолжен за неговата имплементација, се труди да биде еден рамноправен партнер и на Комората на вештаци.

Целта на Министерството е секое едно вешто лице да биде што е можно поквалитетно, да биде независно, стручно и да даде придонес, како во однос на судскиот спор во кој учествува, така и во однос на која било друга сфера од општественото живеење во која може да помогне со својот вешт наод.

– Вештите лица од областа на материјалното, финансиско вештачење особено имаат значење. Голем дел од судските спорови, трговски, стопански, граѓански спорови имаат потреба од вакво вештачење и улогата на вештото лице е незаменлива за донесување на правилна пресуда. Заради тоа особено ни беше важно да се одржи една ваква обука, еден ваков форум во кој вештите лица, сите вие, ќе научите еден од друг, рече Ристевски.

Според него, ова е форум во кој треба да се разменат искуства и освен предавања битно е да има интеракција еден со друг, битна е размена на искуства за обезбедување што е можно поквалитетени стручни вешти наоди и мислења.

– Ставот на Министерството за правда е дека многу е важно секое вешто лице да биде стручно во својата работа, да биде независно, да биде квалитетно, да помогне за донесување на правилна судска пресуда, да помогне за донесување на правилен стручен наод и мислење од која било сфера од општествениот живот, додаде Ристевски.