Компаниите да ја искористат креативноста на своите вработени

Компаниите да ја искористат креативноста на своите вработени, да бидат отворени кон нивните идеи и предлози кои многу можат да влијаат врз подобрувањето на работните процеси, порачаа учесниците на денешната прва меѓународна тренинг – конференција што ја организира Datastation- Белгија и Vision Consulting – Скопје во соработка со Стопанската комора на Македонија, пренесува МИА.

Како што беше речено, секој вработен е инвентивен, има потенцијал и капацитет, но компанијата треба да го препознае, да му даде шанса и да го искористи. Иновациите и креативните, квалитетни човечки ресурси се клуч за успешно работење на компаниите.

–  Компаниите воведуваат иновативни производи, но идејата е да почнат да размислуваат дека сите нивни вработени се креативни. Неопходен е премин од економија базирана на ефикасност, на економија базирана на иновации, а клучни субјекти во овој процес се приватните фирми, изјави Игор Андреев од Vision Consulting пред конференцијата.

Треба, додаде, уште многу да се работи на свесноста на македонските компании за значењето на иновативноста и креативноста како услов за поголема конкурентност.

Андреев ја нагласи потребата од воведување т.н. идеа менаџмент систем во компаниите за континуирано, структурирано собирање и евалуација на идеи од вработените.

Освен вработените, напомена, треба да се земат предвид и клиентите од кои често доаѓаат многу идеи за подобрување на услугите.

Подигнувањето на свеста за значењето на иновациите во јакнењето на конкурентноста на фирмите, е цел и на Фондот за иновации и технолошки развој.

– Нашата мисија не е само финансиска поддршка на иновациите, туку и подигнување на свеста за значењето на иновациите во јакнењето на конкурентноста на компаниите, креирањето приходи и нови работни места како бенефит за целата економија, потенцира директорката Јасмина Поповска.

Таа информира дека на првиот конкурс за иновации, интересот кај компаниите бил голем. Пристигнале околу 70 апликации, што, оцени, е солидна бројка иако се очекува да пристигнат и други барања.

ЕВН е една од компаниите кои, за зголемување на креативноста на вработените, веќе го имаат воведено принципот на идеа менаџмент. За ваквиот процес е предвиден посебен буџет.

– Целта е вработените да даваат идеи кои ќе имаат директно влијание врз работните процеси, зголемувањето на приходите, намалувањето на трошоците и генрално, подобрувањето на репутацијата на компанијата. Голем дел од нив се прифатени и реализирани зашто придонесуваат во оваа насока, истакна Елизбаета Николовска од ЕВН.

Идеите на вработените доаѓаат од нивниот делокруг поради што се и добри.

Во насока на што поголема иновативност на компаниите преку обезбедување креативни, кавлитетни човечки реусрси, работи и Националната асоцијација на престижни академски граѓани. Реализира проект за вмрежување на најуспешните стиуденти од сите струки.

– Целта е искористување на нивниот креативен потенцијал од кој бенефит би имале пред се приватните компании во обидите за доаѓање до идеи за нови производи и работење, рече Виктор Георгиевски, претседател на Асоцијацијата.