Компаниите ќе може да го купат земјиштето во индустриските зони

Домашни и странски – компании како и физички лица ќе може да го купуваат земјиштето во индустриските зони, наместо да го добиваат само под концесија како што беше досега. Ова го предвидуваат последните законски измени што ја регулираат оваа сфера, пишува Република.

Според заменик – министерот за економија, Христијан Делев, нема можност за злоупотреби на земјиштето бидејќи оние кои ќе го купат потоа во определени рокови ќе треба да изградат фабрики, а согласно важечките закони има и рокови во кои не ќе може да го препродадат. Измените биле на барање на инвеститорите.

– Голем број од инвеститорите сакаат да си го решат правото на сопственост. Не се заинтерессирани за концесија, како досега, бидејќи во матичните компании, односно банките кои ги финансираат, додека не се реши правото на сопственост не беа заинтересирани да ги финансираат нивните проекти, рече  Христијан Делев, заменик министер за економија.

Со новите измени, договор за доделување државна помош освен Агенцијата за странски инвестиции, може да склучи и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони или некој од министрите без ресор задолжени за привлекување на странски инвестиции, во зависност од тоа кој го воспоставил контактот со инвеститорот.