Компаниите можат да аплицираат за програмата „Еразмус плус“

Компании членови на  Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) учествуваа на Инфо денот одржан во Скопје како дел од новиот циклус на промотивни активности за програмата „Еразмус плус“ во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НА) и ССК.

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Дарко Димитров најави дека ќе продолжи соработката со ССК и останатите компании во ЕРАЗМУС +.

– Во соработка со ССК организиравме Инфо ден преку кој сакаме да ги презентираме начините и можностите кои ги имаат компаниите во Македонија во сегментот на програмите на ЕУ, особено за програмата ЕРАЗМУС +. Се работи за можности од исклучително значење за компаниите кои преку вклучување во програмата Еразмус + можат да добијат соодветно зголемување на стручните компетенции на своите вработени како и да се вклучат во најразлични проекти преку кои ќе можат да имплементираат прарктики, трансфер на знаења и технологии, но и да учествуваат во високо образовните сегменти, вели Димитров.

Оперативниот директор на ССК, Александар Зарков истакна дека ова е можност компаниите да аплицираат за програмата ЕРАЗМУС +, во делот на практична работа, трансфер на знаења и вештини, како и имплементација на иновативни технологии.

– Збогатување и надоградба на вештините и компетенциите на кадарот е предуслов за поголема конкурентност на пазарот на труд. Праксата покажала дека квалификуван кадар со адекватно знаење и вештини побрзо наоѓа работа и е подготвен да одговори на предизвиците, вели Зарков.

Презентери на настанот беа директорот на Националната агенција М-р Деспина Србиновска Шандуловска и М-р Лулеса Илјази, претставници на Агенцијата кои ја претставија програмата на Европската комисија во делот на образованието, обуката и младите, „Еразмус плус 2014-2020“, како и иницијативите на ЕУ, „Еуропас“ и „Евридика“.

Сите учесници на денешната работилница беа охрабрени да земат директно учество во трите клучни акции наменети за учењето преку индивидуални мобилности, соработка за иновација и размена на добри практики, како и поддршка на реформата на политиките кои ги покриваат сите типови на активности. Токму, програмите се со цел учесниците да се стекнат со искуства од своите врсници и колеги од цела Европа.

Како програма, „ЕРАЗМУС +“ им нуди на заинтересираните да партиципираат во друга програмска држава за учење, стажирање, предавања воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот.

Вкупниот буџет за ЕРАЗМУС + изнесува 14.7 милијарди евра, зголемувајќи го претходно постоечкиот буџет за сите програми за 40%. Нуди зголемени можности за учење во странство за ученици и наставен кадар. Грантираните проекти ќе обезбедат обука за приближно 4 милиони лица и 125.000 организации.