Компаниите од Македонија и Турција заедно на трети пазари

Петнаесет бизнисмени од Невладината бизнис асоцијација „Башсиад“ од градот Кочаели во областа Башискеле, еден од најразвиените индустриски региони во Турција, денеска на бизнис форум во Скопје воспоставуваат деловни контакти со македонски компании од различни стопански дејности за потенцијално партнeрство и заеднички настап на пазарите во ЕУ, Северна Африка и Блискиот Исток.

На бизнис форумот, организиран од Стопанската комора на Македонија присуствуваа компании од областа на градежништвото и градежната индустрија, преработката на стакло, металопреработувачката индустрија, хемиската индустрија, трговијата, правните услуги,…

– Како стопанственици дојдовме во Македонија да ги запознаеме условите за водење бизнис и да оцениме во кои сектори може најдобро да соработуваме. Сметам дека можеме заедно да настапуваме на трети пазари. Не е битно дали производите заедно ќе се производуваат во Македонија или Турција, туку да бидат квалитетни и да можат да се пробијат на пазарите, изјави претседателот на „Башсиад“, Бариш Арад.

Тој посочи дека исто како и европскиот пазар и брзорастечките пазари бараат квалитетни и конкурентни производи и додаде дека постојат можности за соработка во повеќе сектори меѓу турските и македонските компании. Токму денеска, посочи, сме тука за да видиме како и на кои полиња можеме да соработуваме за да бидеме поуспешни на пазарите.

– Ние одблиску ја следиме Македонија и свесни сме дека економијата постојано расте во вашата земја, а особено во последно време. Предвреме го исплативте и долгот кон ММФ, а кога тоа го направи Турција кај нас почнаа да доаѓаат голем број странски инвестиции. Претпоставувам дека во Македонија ќе се случи тоа и токму затоа сме тука за да добиеме дел од колачот заедно со македонските бизнисмени, рече Арад.

Оперативниот директор на Стопанската комора на Македонија, Елена Милевска-Штрбевска истакна дека и покрај редовните македонско-турски бизнис форуми и одличната соработка има потенцијал за унапредување на надворешно-трговската размена меѓу двете земји и за заеднички настап на компаниите на пазарите во Европската унија, Северна Африка и Блискиот Исток.

– За таа цел сме тука за да помогнеме за запознавање на деловните можности за инвестирање на македонските и турските бизнисмени на овие пазари, како и за запознавање со правните процедури и сите предуслови кои се неопходни за успешен настап на пазарите. Сметаме дека денешните бизнис средби ќе резултираат со потпишување на трговски договори помеѓу македонските и турските компании, рече Милевска-Штрбевска и најави дека деловните средби од вој вид ќе продолжат и во иднина.

Таа посочи дека се очекува заеднички настап на трети пазари со турските компании во областа на градежништвото, текстилната и металната индустрија.

Невладината бизнис асоцијација Башсиад од Кочаели учествува со 6 отсто во турскиот БДП и реализира 13 отсто од вкупната надворешно-трговска размена на Турција.

Трговската размена меѓу Македонија и Турција лани изнесувала 441 милиони американски долари што претставува раст од 14,35 отсто во споредба со 2013 година. Од 2007 година трговската размена меѓу двете земји постојано има нагорен тренд, а Турција е и една од земјите со најголем број инвестиции во Македонија.