Компаниите сакале да скријат 73,6 милиони евра од даноци

Kомпаниите лани се обиделе да скријат фантастични 73,6 милиони евра даноци и давачки кон државата од кои најмногу пари или речиси половината биле за данокот на додадена вредност, пишува „Дневник“.

Толку пари откриле даночните инспектори како неутврден данок при рутинските контроли, а сумата е за дваесетина милиони евра повисока од таа од претходната година. Ова го покажува годишниот извештај за работа на Управата за јавни приходи за лани, според кој се наплатени 17,9 милиони евра новооткриени даноци во постапка на инспекциска контрола или сума што е за 6,3 процентни поени повисоки во споредба со наплатените во 2012 година

УЈП лани наплатила вкупно 1,7 милијарда евра даноци и социјални придонеси од плата, што претставува 95,27 отсто од планираните износи, а 62,19 отсто од државниот Буџет. Притоа, дури 86,93 отсто од наплатените даночни приходи биле платени доброволно и без каква било интервенција на Управата. Во 2013 година во 87.282 постапки на врачени опомени за сите јавни давачки, наплатени се 43 милиони евра, износ повисок за 12,78 процентни поени од наплатениот во 2012 година.

Даноци, давачки за социјални придонеси, казни, сметки за радиодифузна такса и други јавни давачки не платиле граѓаните и фирмите, па УЈП морала присилно да им ги извлече. Даночниците лани присилно наплатиле 41,7 милиони евра, што во споредба со 2012 година е намалување за околу 10 милиони евра.

Најголем дел од долгот е „платен“ од банкарските сметки на должниците, од каде што се собрани 33,6 милиони евра или 80,78 отсто од вкупно наплатениот долг во присилна наплата. Остатокот е наплатен преку „заплена“ и продажба на движни предмети, недвижности, од побарувања на должниковиот должник, преку блокада на третина од плата и со други методи што ~ се на располагање на Управата. Најголеми „должници“ се скопјани, кои се и најголеми полначи на државната каса.