Компаниите задоволни од странските консултанти – Владата ќе објави и втор оглас

По првиот успешен циклус на ангажирање странски  експерти за подобрување на деловните перформанси на домашните компании, Владата утре ќе објави и втор оглас, на кој во следните 45 дена ќе може да се јават нови заинтересирани мали и средни фирми. Услов за апликацијата е команијата да постои најмалку две години,  нејзиниот мнозински сопственик да биде македонски државјанин и да има од 5 до 250 вработени лица.
Како и во претходниот оглас, и овој пат, најголемиот дел на трошоците за странскиот експерт ќе ги сноси Владата. Тука спаѓаат дневница на експертот и неговиот транспорт од државата во која живее до земјава и назад, односно, околу 95 отсто од трошоците. Домашната компанија која ќе ги добие овие услуги, ќе треба на странскиот консултант да му обезбеди само сместување и да ги подмири трошоците за неговиот локален транспорт.

Од Владата се задоволни од резултатите на овој проект што почна да се спроведува минатата година, во 20 градови низ државава. Во првиот оглас, за ангажман на странски консултантски услуги се јавија 98 домашни компании.
Според извештаите на ангажираните консултанти, најмногу услуги се побарани во делот на подобрување на производствениот процес  и  маркетингот, како и во изработката на анализи и проекци за подобрување на работата на домашните компании, што во пракса би значео и отворање нови работни места.
Како што посочи портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, ангажманот на консултантите кај половина од  компаниите кои во првиот оглас побарале ваква услуга, е веќе завршен. Остатокот ќе се реализира во текот на оваа година.