Македонија,Економија

Компанија од Дубаи заинтересирана за македонските инвестициски можности

Компанија од Дубаи заинтересирана за македонските инвестициски можности

DAMAC, една од најголемите градежни компании во Дубаи, е заинтересирана за македонските инвестициски можности. Нејзини претставници, како што најави сопственикот Хусеин Сајвани на средба со министерот за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф, ќе ја посетат Македонија во септември годинава, објави МИА.

Најновиот проект на DAMAC е соработката со американскиот мултимилијардер Доналд Трамп во изградба на супер луксузен комплекс од вили во престижниот дел на Дубаи.

Средбата со Сајвани се одржа на маргините на Инвестицискиот самит во Дубаи во рамки на формалната работна вечера кога македонската делегација се сретна и со сопственикот на компанијата UAE која се занимава со изградба на комерцијални шопинг центри, резидентни згради, хотели и комплекси од индивидуални вили, цели населби во Емиратите и низ целиот свет.

Министерот Наумоф придружуван од амбасадорот Тони Атанасовски денеска оствари и официјални средби со високите делегации на Малезија, Индонезија, Дубаи и Кралството Брунеи. Делегацијата беше и официјално примена од организаторот на Самитот, министерот за економија на Обединетите арапски емирати Султан Ал Масури. Се разговараше за можностите за соработка и посета на највисоко владино ниво. Беше изразен заеднички интерес за промовирање на странските директни инвестиции и трговија, како и покана за организирање бизнис форум од Македонија во Дубаи под покровителство на министерот.