Македонија,Економија

Компанијата „Про лајн“ инвестира 3 милиони евра во Македонија

Компанијата „Про лајн“ инвестира 3 милиони евра во Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија во текот на вчерашниот ден по завршувањето на бизнис форумот во градот Адана, Република Турција, оствари средба со директорот на компанијата „Про лајн“, Алтан Чургелич кој објави дека неговата компанија се одлучила да инвестира во Македонија.

Планот на компанијата „Про лајн“ е да инвестираат во изградба на фабрика за производство на пластика, со вредност на инвестицијата од околу 3 милиони евра, на локација во Македонија која дополнително ќе биде утврдена. Тој посочи дека има поширок план за развој и инвестирање.

-По мојата прва посета одлучивме да инвестираме во Македонија. За неколку месеци одлучивме да започнеме со изградба на нашата фабрика и со нас сакаат да инвестираат уште пет други пријатели инвеститори. Македонскиот пазар во поглед на европскиот пазар и економија дава премногу предности, изјави Чургелич.

Турскиот инвеститор го објасни својот план за инвестирање.

-Во однос на првата инвестиција на мојата компанија размислуваме да биде околу 3 милиони евра и да обезбеди 50 вработувања од моја страна, а останатите мои бизнис партнери се заинтересирани да инвестираат повеќе или помалку, но тие се се уште во фаза на подготовка на нивниот проект, изјави Алтан Чургелич.

Премиерот Груевски веднаш по денешниот последен бизнис форум посочи дека посетата на Мерсин, и воопшто на Турција помина многу добро и многу успешно.

-Вклучувајќи го и денешното претставување и средби со потенцијални инвеститори, пет компании со сигурност потврдија дека доаѓаат да инвестираат во Македонија, во различни сектори, а огромен дел од нив се на добар пат, и дел ќе ги викнеме да дојдат во Македонија да видат локации, да остварат средби со стопанските комори, со институциите, и со бизнис партнери доколку сакаат да ги запознаат. Така да на добар пат сме да привлечеме поголем број на компании. Овие пет компании веќе за време на нашиот престој во Турција објавија дека ќе инвестираат во Македонија, но очекуваме уште поголема бројка по нивното доаѓање, разгледување, гледање на можностите, на лице место да донесат одлука, да отворат свои капацитети, а со тоа да отворат нови работни места за нашите граѓани, изјави премиерот Груевски.