Анализи

Кому му припаѓа Балканот?

Кому му припаѓа Балканот?

Изгледа дека „балканскиот јазол“, за кој повеќето експерти и политиколози беа заборавиле во изминативе години, со тоа што вниманието го насочија кон Блискиот Исток, во најбрзо време повторно ќе стане сериозна главоболка за меѓународната јавност.

Политички шпекулации, нарачани убиства, бегалска рута и економски проблеми на државите од регионот – сето тоа не дава големи надежи дека ситуацијата ќе се разреши сама по себе. Масло на огнот долева и постојаното, кое трае дури еден век, ривалство меѓу Големите сили на Балканот. Кон ова треба да се додаде и дека современите инструменти за влијание врз земјите покриваат доста широк спектар: од воена соработка до обиди за воспоставување на контрола над економскиот развој на државите од регионот.

И ако доставките на вооружување, заедничките воени вежби и операции, изјавите на видни политичари и сето друго, се одвиваа пред очите на сите, тогаш прашањето за економска контрола над регионот досега беше само предмет на разгледување на потесен круг на експерти.

Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Албанија и другите држави од Балканскиот полуостров, денеска фактички се под целосна власт на најголемите светски играчи, кои во континуитет во изминативе десетина години изградија полна зависност на своите јужноевропски вазали преку различни видови на финансиско-кредитни институции, но и преку транснационални корпорации, и политичко лобирање исклучиво за своите политички  интереси.

Денеска државите од регионот веќе се под толку силна контрола, што да се зборува за нивната независност е целосно бесмислено. Националните елити, пак, повторно се исправени пред жестока борба за своите лични интереси.

Сето ова едноставно значи дека крвопроливањата и човечките жртви, најверојатно, нема да бидат избегнати, а најверојатен кандидат за остварување на тоа сценарио моментно е Србија.

Имено, Србија која е единствената потпора на руските интереси на Балканот е главна цел на политички притисок на Западот. Ова не се само сувопарни зборови, оти сеуште никој не го потисна рускиот стремеж да ја обезбеди својата улога на главен економски партнер на Белград, нешто за што Москва веќе со години прави многу. Но, моментно Русија не можа да покаже влијание на српската економија на друг начин, освен преку нафтената сфера. За тоа сведочи и фактот дека главните спогодби меѓу Москва и Белград се поврзани со доставките на јаглеводороди и нивниот транзит, како и развојот на енергетската инфраструктура. Како пример може да се посочи договорот од крајот на 2017 година, според кој се отстранува забраната на Србија да реекспортира руски гас и постепено да ги зголемува доставките на овој вид гориво, и тоа до 5 милијарди кубни метри годишно (во 2017 година тие веќе се зголемија за 26 отсто, надминувајќи 2 милијарди кубни метри). Тие односи меѓу двете земји говорат дека Русија нема никаква намера да се откаже од своите позиции во Србија.

Но, треба да се одбележи и дека влијанието на Европската Унија, а преку неа и на САД, врз Белград е многу позначајно од руското.  Американците не за прв пат лобираат за доставка на течен гас во Србија од терминалот во хрватскиот град Крк, обидувајќи се да создадат конкуренција на руската суровина.

И по се’ изгледа дека тој проект, порано или подоцна, ќе се реализира и тоа во обем многу профитабилен и корисен за Вашингтон.

Соработката меѓу Белград и Брисел, повторно во сферата на енергетиката, е неразделно поврзана со процесот на присоединување на Србија кон ЕУ, што е ограничувачки фактор за српското раководство, оти му се налагаат дополнителни задолженија, според „препораките“ на Сојузот, вклучително и енергетската соработка со Русија.

Навистина, треба да се одбележи и дека Србите играат своја игра, со поддршката на топлите односи со Москва и ги користат како аргумент за побрза интеграција во ЕУ. Апсолутно очигледно е дека за растот на српската економија се потребни големи количества на гас, а идната перспектива за присоединување кон магистралниот гасовод „Турски Тек“ може да му донесе на Белград дополнителни поволности за енергетскиот пазар во Европа и да ја зајакне својата позиција во преговарачкиот процес со Брисел.

Притоа, во српската престолнина одлично разбираат дека за понатамошниот процес на евроинтеграција им е крајно неопходно да привлечат странски инвестиции во својата земја, за кои воопшто не е тајна дека на овој или на оној начин, силно влијаат врз политичката ситуација на секоја држава.

До денеска европските и американските инвестиции во Србија се најмногу во сферата на истражувањето и искористувањето на природните ресурси, поле на кое земјата е навистина многу богата.

Воздржувајќи се од горивно-енергетската сфера, каде беспрекорно главна улога има Русија, повеќе од десет меѓународни компании истражуваат опции за отворање на корисни ископи за минерални суровини. Интересно е тоа што практично сите истражувања, со исклучок на истражувањата за јаглен, ги вршат странци.

А, тоа навистина е „златна кокошка“: На пример, британско-австралискиот концерн „Рио Тинто“ (Rio Tinto) и канадската компанија „Ултра Литиум“ (Ultra Lithium) се занимаваат со истражување на резерви на Литиум, кои според проценките на експертите, се доволни да задоволат околу 20 отсто од светската побарувачка. Освен тоа, претпоставките се дека Србија има резерви на олово и на цинк од околу два милиони тони, неколку милиони тони бакар, околу 20 тони злато и околу четири милијарди тони јаглен.

Во 2015 година американската рударска компанија „Фрипорт-МекМоРан“ (Freeport-McMoRan) и нивниот канадски партнер „„Ресервиор Мајнерс“ (Reservoir Miners) во регионот Бор во источна Србија, открија едно од најголемите наоѓалишта на злато и на бакар во светот.

Не треба да се заборават и рударската индустрија и металургијата, нешто што исто така е многу интересно за странските инвеститори.

Тука може да се споменат и проблемите околу металуршкиот комбинат „Трепча“ во Косово, чии активи не им дозволуваат на Американците да спијат мирно, независно што таму тие господарат без конкуреција.

Затоа воопшто не изненадува тоа што една од главните гранки на Србија е веќе во рацете на ЕУ и на САД, додека Русија е исклучително пасивна во оваа насока. Да, неможе да се негира тоа што купувањето на српската национална нафтена компанија (Нафтена Индустрија на Србија – НИС) од страна на „Газпром“ и’ дозволи на Москва да ги зацврсти своите позиции во областа нафтениот сектор, но во се’ друго руските успеси се многу поскромни.

Силна конкуренција на Русија, во економската соработка со Србија, освен ЕУ и САД, од скоро и’ стана и Кина. Уште во 2012 година американската корпорација „Ју Ес Стил“ (US Steel) им го врати на српските власти металуршкиот комбинат „Железара Смедерево“, и тоа за симболична цена од само еден американски долар, а по долги преговори во април 2016 година, тој беше преземен од најголемата кинеска металуршка корпорација „Хебеи Ајрон енд Стил“ (Hebei Iron&Steel). Во дополнување на ова, во последниве неколку години Пекинг и’ исорача на Србија околу 5,5 милијарди американски долари за изградба на мостови, автопатишта и железнички линии. При тоа Кина и инвестира во Србија, давајќи и’ кредити од своите банки со рок на отплата од 20 до 30 години и со годишна камата од само 2 до 25 отсто. На последните средби меѓу високи државни претставници на двете земји, неколкупати имаше повици за продлабочување на прагматичната соработка во сите гранки, вклучително и во рамките на кинескиот проект „Новиот пат на свилата“ и српската програма за реиндустријализација.

Во септември, лани, српскиот вицепремиер и министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зоран Михајловиќ, јавно изјави дека „нема да биде нескромно или неправилно да се каже дека Србија е главниот партнер на Кина во Европа“.

Треба да се каже и дека, за разлика од Кина и од Русија, за зацврстување на своите позиции во Србија, европјаните и Американците не ја ограничуваат својата активност само на една или две индустрии во српската економија. На пример, американскиот инвестициски фонд ККР веќе инвестираше 1,2 милијарди долари во српскиот медиумски оператор СББ, а есенва амбасадорот на САД во Србија, Кајл Скот, изјави дека Соединетите држави веќе вложиле во земјата околу четири милијарди долари. Како надополнување на сето гореспоменато, не треба ниту да се заборави и за таквиот сериозен инструмент на влијание, како што е кредитирањето на српската економија преку различни меѓународни финансиски кредитни структури.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кому тековната српска власт неможе сеуште да даде недвосмислен одговор во однос на соработката, одамна се обидува да му наложи на Белград свои правила на игра. На пример, спрските власти неколупати добија предлог да реализираат план за реструктуирање на државните компании загубари, нафтено-хемиските индустрии и рудниците за јаглен. Тоа, во крајна сметка, треба да доведе до бавно преминување на српските државни активи во рацете на кредиторите, или пак на странски сопственици.

Многу е спорно дали тоа е добро или не, но фактот дека Белград на крајот може да биде лишен од своите економски активи е неспорен. Сето гореспоменато, заедно со дејноста на различни американски и европски фондови во Србија (на пример USAID), на овој или на оној начин, создава сериозен притисок врз раководството на државата.

И не е вопшто тешко да се погоди, напротив, за чии интереси дејствуваат и ќе продолжат да дејствуваат западните инвеститори и лобисти. Независно од тоа што руско-српските односи во сферата на воената соработка и енергетиката продолжуваат да бидат мошне силни, претпоставката дека Кремљ може да се потпре на српската политичка елита во иднина изгледа како илузија.

За жал, парите со кои Западот располага, а кои се многу поголеми отколку на Русија, порано или подоцна ќе го кажат својот псоледен збор, а заколнувањето на братска дружба меѓу Србите и Русите ќе биде заменето со ѕвонењето на златниците.