Концерт на гитаристот Дарко Багески во Бугарија

Познатиот гитарист Дарко Багески, солист и професор на ФМУ – Скопје, ја почнува својата активна концертна сезона во 2015 година, со учество на 19. Интернационален фестивал и нaтпревар за класична гитара „Академик Марин Големинов”- Ќустендил, пишува МИА.

На овој фестивал, кој ќе се одржи од денеска до 4 април, македонскиот гитарист Дарко Багески и бугарската гитаристка Стела Динкова ќе настапат како солисти со камерниот оркестар на операта од Благоевград (Бугарија), при што ќе го изведат популарното дело на познатиот италијански композитор Антонио Вивалди „Четири годишни времиња “ во преработка за две гитари и камерен оркестар од композиторот Петар Радевски од Бугарија. Концертот ќе го диригира Красимир Топалов од Бугарија, информираат од Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.

Во јули, Багески ќе одржи солистички концерт во Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија, а проектот е поддржан од македонското Министерство за култура.