Магазин

Концерт на Градскиот дувачки оркестар во Градски парк

Концерт на Градскиот дувачки оркестар во Градски парк

Градскиот дувачки оркестар в сабота, со почеток во 11 часот, во Градскиот парк во Скопје ќе одржи параден концерт. Парадниот концерт со познатите чекорници ќе почне од платото пред ресторанот „Томче Софка“, движејќи се низ Градскиот парк кон фонтаната „Лотосов цвет“.

Членовите на оркестарот ќе ги изведат делата Патриотска чекорница, Младинска чекорница, Вардаре македонски, Дикси парада, Вашингтон пост марш, 3 Mакедонска бригада, Во спомен на Ваташа, Огномет на слободата, Работнички и За сите деца.

Градскиот дувачки оркестар е составен од членови, главно професионални музичари, како и студенти на Факултетот за Музичка уметност во Скопје.

Досега, има настапувано на речиси сите значајни манифестации, државни празници, најразлични настани, давајќи им свечана нота на истите. На репертоарот на оркестарот се наоѓаат дела на Добсшески, Милер, Харисон, Макартни, Леј, Моцарт, Андерсон, Манквина, Верди, Штраус, Ленон…