понеделник, 27 март 2017  |  Вести денес: 60

Концерт на Македонската филхармонија за Денот на вљубените

denot na vljubenite

Последни вести

Македонската филхармонија, во пресрет на Денот на вљубените, на 12. февруари во Домот на Армијата ќе одржи концерт насловен  „Некој ме гледа романтично“.

Филхармонијата најави дека љубителите на музиката ќе имаат можност да ги слушнат љубовните приказни „Ромео и Јулија“, „Порги и Бес“ и „Шехерзада“, која ќе биде премиерно изведена, како и најпознатите џез-стандарди кои досега имаа милионски изведби и преработки, како „Summertime“ и „Someone to Watch Over Me“ од Гершвин и „Everytime We Say Goodbye“ од Портер.

Диригент ќе биде Кејс Скалионе од САД, која работи како асистент диригент во Њујоршката филхармонија, а како сопран ќе настапи Голда Шулц од Јужна Африка.

Скалионе од 2011 година е асистент-диригент во Њујоршката филхармонија и таа година ја доби наградата за диригирање од фондацијата „Шолти“. Три години беше музички директор на Фондацијата за млади музичари и дебитантски оркестри на Лос Анџелес. Минатата концертна сезона има серија концерти со Њујоршката филхармонија и со виолинистот Џошуа Бел кога се прославува како извонреден асистент-диригент. Дипломира на Институтот за музика во Кливленд и магистрира на Институтот Пибоди каде што студира заедно со Густав Мајер.

Американската сопранистка по потекло од Јужна Африка, Голда Шулц студирала на Универзитетот во Кејптаун, а потоа дипломирала на престижниот „Џулијард“ во Њујорк и е поранешен член на Државната опера во Минхен каде што дебитирала како Контеса Алмавива во „Свадбата на Фигаро“ во 2012 година. Во 2014 година се враќа на сцената во Минхен толкувајќи ја Софи во „Кавалер со роза“. Минатата сезона беше член на ансамблот Клагенфурт каде што има голем успех во двете нови продукции – како Софи во „Кавалер со роза“ и Клеопатра во „Јулиј Цезар“.

Најчитани вести