Македонија

Концерт на „Пејчиновски Трио“ за роденденот на „Охридско лето“

Концерт на „Пејчиновски Трио“ за роденденот на „Охридско лето“

Фестивалот „Охридско лето“ својот 56-ти роденден ќе го прослави вечерва со концертот на гитарското трио Дамјан Пејчиновски, Горан Ѓешовски и Иван Петровски, нашите уметници кои ќе изведуваат џез-преработки на класични дела, како и џипси-џез композиции.

Традиционално години наназад фестивалот „Охридско лето“ својот роденден го одбележува со настап на уметници кои изведуваат програма малку поинаква од вообичаениот фестивалски концепт, со концерти насочени кон привлекување поширок аудиториум.

Дамјан Пејчиновски е македонски гитарист роден токму во Охрид, кој своето џез-образовние го стекнал на Националната музичка академија во Бугарија. Неговата активна изведувачка дејност вклучува концерти во повеќе земји на Балканот, а чест гостин е и на фестивалите во овој регион. Добитник е на повеќе награди и признанија.

Горан Ѓешовски исто така е дипломец на Националната музичка академија во Бугарија, а своето знаење го надградувал на бројни мајсторски курсеви кај истакнати џез-басисти. Значајна е неговата соработка со македонската етно група „Синтезис“, како и „Тавитијан брадрс трио“ со кои настапувал во некои од најпрестижните сали во светот, меѓу кои и „Карнеги хол“ во Њујорк.

Иван Петровски е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Фестивалот „Охридско лето“ својата богата историја ја почна на 4 август во далечната 1961 година, со концертот на оперската певица Ана Липша – Тофовиќ во катедралната црква „Света Софија“. Од тогаш па до денес Фестивалот „Охридско лето“ ја собира светската уметничка елита, нудејќи и на публиката ексклузивна културна содржина и промовирајќи ги националната културна традиција и современото македонско културно творештво.

Роденденскиот концерт ќе се одржи во клубот „Куба Либре“ со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.