Концерт во чест на светски познатиот оперски пејач Борис Христов

Во Даут Пашин Амам задутре со почеток во 20.30 часот, во рамките на Скопско лето, ќе се одржи концерт во чест на светски познатиот оперски пејач, Борис Христов, бас.

Концертот под наслов „Поклон пред маестро Борис Христов“ во чест на 100 години од раѓањето на светската ѕвезда на оперски сцени, кое се одбележува под покровителство на УНЕСКО, го организира Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје.

Ќе настапат Пламен Бејков, бас, последниот ученик на Борис Христов, Пламен Кумпиков, бас, Александар Носиков, бас и Борјана Ламбрева на пијано. На програмата ќе бидат различни дела и арии од оперите на Верди, Мусоргски и Росини, како и композиции на повеќе бугарски композитори.